Европејци со најголеми територијални претензии

180
Територијалните претензии се поизразени меѓу приврзаниците на десничарите: симпатизери на Вокс во Шпанија

Од државите од регионот опфатени во истражувањето на „Пју“, Бугарите и
Грците имаат најголеми територијални претензии кон соседите

Дали европските држави имаат територијални претензии кон соседите? Одговор на ова прашање, но и на теми поврзани со односите кон НАТО во Европа, даде неодамна објавената анализа на истражувачкиот центар „Пју“.
Во анализата на истражувачкиот центар, меѓу другото, се наведува дека многу од граѓаните во европските држави се убедени дека територија од нивните соседи им припаѓа ним. Имено, испитаниците од европските земји на прашањето „дали има делови од територии на соседите што ви припаѓаат вам“ во поголем дел одговориле позитивно. Уделот на оние што се согласуваат со ставот, според институтот „Пју“, е особено висок во земјите од Централна и од Источна Европа, додека е понизок меѓу западноевропските земји.

Како што покажуваат податоците, дури 67 отсто од прашаните Унгарци сметаат дека имаат територии во соседните држави, кои ѝ припаѓаат на Унгарија. Во анализата се наведува и дека 60 отсто од Грците, како и 58 отсто од Бугарите се убедени дека имаат нивни територии кај соседите. Во Турција, пак, тој став го поддржуваат 58 отсто од испитаниците.
Резултатите од истражувањето на „Пју“ покажуваат оти и по руската анексија на Крим, по која Западот ѝ воведе санкции на Москва, 53 отсто од прашаните Руси сметаат дека делови од соседните земји ѝ припаѓаат на Русија. Од друга страна, таков став имаат 47 отсто од Украинците.

Меѓу западноевропските земји, иако ставовите на Германците драстично се сменија во изминатите години во однос на ова прашање, сепак, според резултатите од истражувањето, тројца од десет Германци сѐ уште мислат дека дел од териториите на нивните соседи ѝ припаѓа на Германија. Иако ваквото размислување во Британија е значително помало во споредба со Германија, сепак 23 отсто од Британците се убедени дека имаат територии кај нивните соседи, кои им припаѓаат ним.


Истражувањето покажало и дека во Европа, меѓу поддржувачите на десничарските популистички партии постои поголема тенденција да изјават дека делови од соседните земји им припаѓаат на нивната земја. Имено, меѓу поддржувачите на десничарските популистички партии постои поголема веројатност дека ќе се согласат со оваа изјава за скоро секоја европска десничарска популистичка партија вклучена во истражувањето. На пример, посочува „Пју“, гласачите што имаат позитивни ставови кон ултрадесничарската партија Вокс во Шпанија во поголема мера велат дека делови на соседите ѝ припаѓаат на Шпанија за разлика од преостанатите гласачи.
Од другата страна на Атлантикот, во САД и во Канада, јавноста главно не се согласува со ставот дека ѝ припаѓаат делови од други држави (73 и 65 отсто). Сепак, една четвртина од Канаѓаните и дваесет отсто од Американците го тврдат спротивното, односно сметаат дека имаат „нивни“ делови во соседните држави.