Европејците се за строги карантински мерки, ама не ги почитуваат

307
Европејците велат оти би поддржале и построги мерки за да се запре ковид-19

Мнозинството Европејци велат дека го поддржуваат ограничувањето на слободата за да се спречи ширењето на коронавирусот, но разни докази укажуваат дека е помала веројатноста да се придржуваат до тоа

ПОВЕЌЕ ИСТРАЖУВАЊА ПОКАЖУВААТ

Повеќе испитувања на јавното мислење во неколку земји во Европа укажуваат дека граѓаните не само што ги поддржуваат карантинските мерки туку немаат ништо против ако нивните влади воведат уште построги ограничувања на слободата за да го спречат ширењето на пандемијата на коронавирусот.
Во Италија, една недела откако земјата ги затвори сите училишта и забрани несуштинско движење, анкета објавена на 14 март покажа дека 62 отсто од Италијанците сметаат дека мерките се ефикасни.

Друга анкета објавена неделава од СВГ сугерира дека Италијанците би толерирале и построги мерки, при што 63 отсто велат дека би поддржале државна контрола врз движењето на граѓаните, дури и без нивна согласност. Речиси две третини се за електронски белезици за луѓето во карантин, 67 отсто ја поддржуваат идејата за користење податоци од мобилни телефони, за да се провери дали луѓето се придржуваат кон ограничувањата на движењето, а 74 отсто би биле задоволни ако државата користи беспилотни летала за да се осигури дека се почитуваат карантинските мерки. Само 23 отсто се загрижени за нарушување на приватноста поради воведувањето на строгите ограничувања на правата и слободата.

Истовремено, владата на премиерот Џузепе Конте има корист од поддршката за преземените мерки во борбата против коронавирусот и ужива рејтинг од над 70 отсто, што е највисока вредност во однос на претходните влади во Италија.
Во Германија, анкета спроведена неделава за РТЛ укажува дека 88 отсто од Германците сметаат дека актуелните карантински мерки (кои се разликуваат од покраина до покраина) се исправни. Мнозинството Германци (55 отсто) се за уште построги мерки, а 42 отсто се против. Само десет отсто од граѓаните во Германија се залагаат за ублажување на карантинските мерки.

Стратегијата против коронавирусот ја зголеми популарноста на владејачките демохристијани на германската канцеларка Ангела Меркел, чиј рејтинг се искачи на 33 отсто во март, според анкета на „Политико“. Друга анкета покажа и највисок рејтинг на Меркел од почетокот на нејзиниот последен мандат, при што поддршката е 64 отсто. Канцеларката е во карантин откако нејзин лекар бил тестиран позитивен на коронавирус, а тестовите на Меркел се негативни.

Резултатите од испитувањата се слични и во Франција. На прашањето за мерките за ограничување што ги спроведува Владата, 57 отсто од испитаниците рекле дека не се доволно строги, 40 отсто одговориле дека ограничувањата се доволни, а само три отсто сметаат оти се престроги, според анкета за БВА. Друга анкета покажува зголемување на поддршката на претседателот Емануел Макрон од почетокот на пандемијата. Трендот на зголемување на рејтингот на власта и на довербата во државните институции може да се забележи во повеќе држави по избивањето на кризата, посочува „Политико“.

Во Полска, граѓаните во анкета на „Ноуром“ беа прашани да ги проценат постапките на Владата. Иако 45 отсто велат дека земјата не е подготвена за борба против коронавирусот, само 25 отсто сметаат дека Владата не ги штити граѓаните доволно ефикасно. Речиси две третини од испитаниците сметаат дека треба да се одложат претседателските избори, кои се закажани за 10 мај.

Во Британија, чиј премиер Борис Џонсон има коронавирус и е во болница на интензивна нега, граѓаните во огромно мнозинство (92 отсто) ги поддржуваат сегашните мерки, при што 57 отсто се за уште построги ограничувања, според анкета на „Опиниум“. Една третина сметаат дека треба да има забрана за јавениот превоз, додека 38 отсто сметаат дека Владата треба да забрани патување меѓу локалните области. Сепак, 56 отсто велат дека Владата не дејствувала доволно брзо. Во Британија, исто така, владејачките ториевци бележат пораст во популарноста, со рејтинг до 47 отсто, според анкета на „Политика“.

Иако мнозинството Европејци во истражувањата велат дека ги поддржуваат строгите карантински мерки, па дури сакаат и уште построги ограничувања, разни докази укажуваат дека е мала веројатноста да се придржуваат до нив. На пример, една анкета на „Саванта“ во Британија открива дека сѐ повеќе луѓе ги напуштаат домовите или одбиваат да се самоизолираат во изминатите денови.