Европа ќе се соочи со нов топлотен бран

46

Уште еден топлотен бран оваа недела ќе зафати делови од централна и северна Европа, со рекордни температури кои се очекува да бидат слични со оние за време на топлотниот бран во јуни.

Температурите во Велика Британија би можеле да го надминат досегашниот рекорд во земјата до четврток, надминувајќи 38,5 Целзиусови степени, што досега беше највисоката температура во земјата, измерена во Кент во август 2003 година.

Пол Гундерсен, главен метеоролог на британскиот меторолошки завод, изјави дека ситуацијата е многу слична како и онаа за време на на јунскиот бран, кога топол воздух што се движи кон север од пустината Сахара зафати делови од континентот.

– Покрај високите температури во текот на денот, и температурите во текот на ноќта ќе бидат значително високи и би можеле да ги скршат рекордите – изјави Гундерсен.

Овој пат, топлиот воздух се движи на север од Иберискиот Полуостров.

Рекордни температури, исто така, се очекуваат и во Франција, иако истите најверојатно нема да го достигнат рекордот од 46 целзиусови степени кои беа почувствувани минатиот месец.

Но, метеоролозите велат дека најновиот топлотен бран би можел да го собори температурниот рекорд во Париз од 40,4 степени, кој беше измерен во 1947 година.

Во Португалија над 1000 пожарникари се борат со шумските пожари во областа Кастело Бранко, во кои беа повредени 39 лица.

„Коперник“, службата за управување со вонредни состојби на Европската комисија, во понеделникот објави карта во која се прикажани тековните ризици од шумски пожари низ цела Европа, при што во делови од Шпанија, Португалија и Италија постои „многу висока опасност“ од вакви пожари.

Белгија, Германија и Швајцарија, исто така, се очекува да ги почувствуваат последиците од неодамнешните топлотни бранови, и за разлика од јуни, овојпат и скандинавските земји ќе бидат погодени.