Европа станува заложник во возобновената трка во вооружување?

93

Европа треба да биде претпазлива од можното вовлекување во трката во вооружување на нејзина територија, поради очекуваното повлекување на САД и на Русија од еден од последните пактови за контрола на вооружувањето на Истокот и на Западот, официјализиран за време на Студената војна, пишува европското издание на магазинот „Политико“.

Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин дадоа шестмесечен рок за повлекување од Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел од 1987 година, според кој договорот со кој Москва и Вашингтон се воздржуваа од производство и распоредување нуклеарни проектили со среден дострел. Путин неодамна порача дека Русија ќе почне со производство на оружјето што беше забрането со договорот и оти повеќе нема да иницира разговори со САД за прашања што се однесуваат на контролата на нуклеарното оружје, додека администрацијата на Трамп се повлече од договорот, истакнувајќи дека Русија го прекршува повеќе години.

Ваквите најави придонесоа за загриженост околу ризикот од можното „стратешко раздвојување“ помеѓу САД и Европа, а токму ова прашање ќе биде актуелно на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО (се одржува денес и утре), како и на Минхенската безбедносна конференција (од петок од недела). Но европските лидери не треба да си дозволат правење на избрзани чекори во паника.

– НАТО се надева дека Русија ќе го смени ставот за договорот пред истекување на рокот за повлекување, иако тоа не се очекува. Распоредувањето на американските нуклеарни ракети низ Европа би претставувало погрешен одговор. Веќе поминавме по овој пат во 80-те години, и тој е политички мачен, исполнет со опасности и пред се, непотребен, особено ако предвид се земе оти постоечките нуклеарни арсенали се доволни за да го разнесат светот – се наведува во анализата на „Политико“.

Европските лидери треба да размислуваат трезвено и стратешки, наместо да имаат паничен одговор. Постојат подобри начини за заштита на Стариот континент во однос на нуклеарното уценување, вклучувајќи го инвестирањето во конвенционалните вооружени сили и во инфранструктура, што би било од исклучителна важност во случај на криза.