Европарламентот го одобри договорот ЕУ-Ерменија

41

Со 573 гласа „за“ и 50 „против“, пратениците во Европскиот парламент денеска го одобрија договорот за соработка меѓу ЕУ и Ерменија, склучен во ноември 2017.

Овој договор треба да ги продлабочи односите помеѓу ЕУ и Ерменија, како на политичко, така и на економско ниво. Договорот предвидува билатерална соработка на сите клучни полиња, како трговија, енергија, транспорт, животна средина и образование.

ЕУ од Ерменија сега сака да види и низа домашни реформи, посебно во независноста на судството и борбата против корупцијата, но и „олигархиските злоупотреби“, како и слободата на медиумите и даночната евазија.

Договорот не предвидува отстранување на царинските тарифи поради тоа што Ерменија е членла на Евроазиската економска унија .

Европратеници при гласањето за овој договор ја предупредија Европската комисија да внимава помошта што ја испраќа во Ерменија да не оди во сектори кои се под санкции од страна на ЕУ.

Во Ерменија неодамна дојде до смена на власта по неколку недели масовни протести. Новиот премиер Никол Пашинијан е проевропски либерал и поранешен новинар.

– ЕУ е подготвена да ги поддржи реформските напори за кои се заложи новата власт. Ги охрабруваме да продолжат да се борат против корупцијата и да ја реформираат изборната рамка во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската Комисија, изјави известувачот на ЕУ, Ласло Токеш.