Евроконтрол: Сѐ почесто ќе доцнат летовите во Европа

43

Европските аеродроми немаат капацитет да се справат со сѐ поголемиот воздушен сообраќај, и во наредните години и децении треба да се очекуваат сѐ почести доцнења, оценува Евроконтрол.

Евроконтрол, европската организација за воздушна безбедност и контрола на летање, во последниот извештај го вклучува алармот за состојбата со европските аеродроми.

До 2040, бројот на летови во Европа ќе се зголемува за 1,9 отсто годишно во просек.

Според Евроконтрол, аеродромите веќе работат на зголемувањето на своите капацитети, и 20-те најголеми аеродроми ќе можат да се справат со околу 2,4 милиони дополнителни летови, но тоа нема да биде доволно. Аеродромите со поголем капацитет ќе бидат уште попосетувани и летовите сѐ почесто ќе доцнат, смета организацијата.

Во 2040 се очекува 400.000 патници дневно да се соочуваат со доцнења од еден до два часа. Таа бројка сега е 50.000 дневно.

Еден од одговорите на тој проблем ќе биде технолошката иновативност, смета Евроконтрол, но и отворање нови терминали и зголемување на аеродромите и на пистите.

– Ова е предвидување на долг рок, но создавањето поголеми капацитети на голема скала бара планирање на долг рок, затоа мислам дека ова треба да се третира како итно прашање, оцени Имон Бренан, шефот на Евроконтрол.