Еврокомисијата со остар одговор на нападите на Владата на Орбан

86

Реагирајќи на новата кампања на унгарската влада против ЕУ, во која директно е нападнат претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, извршното тело на Унијата денеска обвини дека станува збор за теории на заговор и дезинформации.

Во кампањата на унгарската влада, платена со парите на даночните обврзници, се обвинува Брисел дека подготвува нови задолжителни квоти за мигранти и сака да ја „ослаби граничната заштита“ на земјите членки на ЕУ и да наметне хуманитарни визи за бегалците, со што ја „загрозува“ Унгарија. На билбордите во ремки на кампањата е прикажан Јункер заедно со американскиот милијардер со унгарско потекло Џорџ Сорос.

„Информативната“ кампања на унгарската Влада има за цел да „им стави до знаење“ на граѓаните на Унгарија „што навистина подготвува Европската комисија“.

Портпаролот на Еврокомисијата Маргаритис Схинас денеска на кампањата реагираше на невообичаено остро начин за оваа институција. Схинас потсети дека Комисијата на Јункер е посветена да се бори против дезинформациите и лажните вести и дека „овој случај не е исклучок“.

– Шокантно е што вакви смешни теории на заговор стигна до мејнстримот во толку голема мерка. Не постои никаков заговор, Унгарците заслужуваат факти, а не фикција. Нема „тие“, има само Европска Унија и Унгарија седи на истата маса, не е вистина дека ЕУ ја загрозува заштитата на границите, напротив, и нема никаков план за хуманитарни визи, земјите членки одлучуваат кого сакаат да прифатат, рече Схинас. 

Јункер, кој е и член на Европската народна партија (ЕПП), каде членува и партијата на Виктор Орбан, Унгарски граѓански сојуз (Фидес), досега повеќепати јасно порача дека на оваа партија не и е местото во ЕПП.

Портпаролот Схинас денеска потсети дека припадноста кон едно политичко семејство подразбира и да се делат истите вредности.

Европската комисија покрена повеќе прекршочни процедури против Будимпешта, поради законите за азил во државата, кои не се во согласност со европското право.

Европскиот парламент од своја страна побара активирање на членот 7 и суспендирање на правото на глас на Унгарија во Советот на ЕУ. Но, до овој момент, земјите членки на ЕУ не се одзваа на повикот на европратениците.

Активирањето на членот 7 се прави само со консензус на сите земји членки, но Полска стави на знаење дека нема да ја поддржи иницијативата.