Дури 680.000 Французи возат без дозвола

112

Во Франција 680.000 луѓе возат без возачка дозвола, а во повеќето случаи причина е цената за полагање возачки испит, пишува денеска весникот „Паризиен“.

Весникот додава дека тој број двојно се зголемил во последните десет години и покрај ригорозните казни.

Повикувајќи се на податоци од надлежните органи, оние кои возат без дозвола сочинуваат 1,4 отсто од сите возачи, но 4,5 проценти од тие луѓе без дозвола се вклучени во сообраќајни несреќи со смртни последици.

Околу две третини од возачите без дозвола се оние кои не полагале испит бидејќи наведуваат дека не можат да издвојат пари. Просечната цена за возачки испит е 1.500 евра.

Една третина жители без возачка дозвола се оние на кои им е одземена поради прекршок.

Доколку возачот во текот на рутинска контрола биде фатен без дозвола, паричната казна изнесува до 15.000 евра, а возилото може да биде одземено на самото место, ако возачот не е сопственик. Доколку возачот без дозвола изврши прекршок, казната може да биде уште поголема, до две години затвор или 30.000 евра.