Дури 29 законски и регулативни текстови во Германија се од времето на власта на Хитлер

103

Германија почнува иницијатива за измена и бришење на групата закони воведени од нацистите, кои сѐ уште се присутни во законодавството на земјата,цели 75 години по завршувањето на Вторатасветска војна

Група закони воведени од нацистите сѐ уште се во сила во законодавството на државата лидер на ЕУ

Владиниот предводник во борбата против антисемитизам во Германија, Феликс Клајн, деновиве излезе со исклучително интересна изјава во јавноста. Имено, тој потврди дека во Германија постојат дури 29 законски или регулативни текстови што сѐ уште користат изрази и формулации воведени за време на власта на Хитлер.
– Некои од нив имаат многу јасна антисемитска заднина – изјави Клајн за новинската агенција „Франс прес“.
Во тој контекст, со поддршка од неколку партии во Долниот дом на Бундестагот, како и од министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, Феликс Клајн прави напори да ја заврши работата со бришењето на нацистичката терминологија, со намера тоа да го финализира до почетокот на федералните избори, закажани за 26 септември. Меѓутоа останува прашањето дали да се подготви единствен закон за реформа на сите текстови одеднаш или, пак, да им се пристапи поединечно и да се „средуваат“ еден по еден.
Во текот на годините Германија реформира неколку закони од нацистичкиот период, вклучувајќи го и озлогласениот Параграф 17, укинат во 1994 г., со кој се криминализира сексот меѓу мажи. Во 2019 година парцијално беше укината забраната од 1933 г., која се однесува на „пропагандата“ за вршење прекин на бременост од страна на германските лекари.

Сепак, останати се некои исклучително релевантни ставки, меѓу кои е и Законот за промена на имињата од 1938 година, воведен од страна на нацистичкиот министер за внатрешни работи Вилхелм Фрик. Имено, во јануари 1939 година стапи во сила измената во законот со која Евреите беа обврзани да додаваат Сара или Израел на своето прво име, во случај тоа да не е типично еврејско.
– Овој закон одигра огромна улога во општественото изолирање на Евреите и нивното целосно обесправување – изјави Торстен Фрај, потпретседател на пратеничката група на конзервативната партија ЦДУ, чиј лидер е канцеларката Ангела Меркел.
Делот во законот што се однесува на промената на еврејските имиња беше укинат од сојузниците веднаш по Втората светска војна, но во 1954 година преостанатиот дел од текстот сепак беше инкорпориран во содржината на федералниот закон.

Како сѐ уште да постои Третиот рајх

– Преостанатите делови од законот што се занимаваат со прашања, како што е правото на промена на името, уште стојат напишани, како сѐ уште да постои Третиот рајх – објаснува Клајн, додавајќи дека и ден-денес во употреба се термините како „германски Рајх“, „влада на Рајхот“ и „министер за надворешни работи во Рајхот“.
Во својата изјава за „Франс прес“, Хелге Линд од Социјалдемократската партија истакна дека е апсолутно неприфатливо во 2021 година нацистичкиот вокабулар и понатаму да го „деформира“ германскиот федерален законик.
– Крајно време е да испратиме јасен сигнал со спроведување на оваа одамна задоцнета форма на денацификација – рече Линд.
Таа повика на прочистување на законот, кој треба да е праведен за сите странски државјани што живеат во Германија, а не само за Германците. Притоа, Линд додава дека, и покрај тоа што Законот за имињата е најистакнат и најзначаен, постојат уште најмалку 28 други германски законски текстови што датираат од нацистичката ера и не треба да се игнорираат. Според неа, можно е во германското законодавство да има дури 40 вакви проблематични текстови.
– Другите закони и регулативи се занимаваат со повеќе технички прашања, како што е, на пример, одржувањето на реката Елба во областа Хамбург – објаснува Фрај.
Голем дел текстови вклучуваат најразлични регулативи што се однесуваат, на пример, на алтернативната медицина, функционирањето на казината или, пак, на заемната правна помош помеѓу Германија и Грција.

Се бара и ревизија на Уставот

Иако беше усвоен четири години по завршувањето на Втората светска војна, на 8 мај 1945 година, некои аспекти од Основниот германски закон, кои „исцртаа“ јасен курс против нацистичката идеологија, исто така се најдоа на удар – особено од страна на политичката левица. Критичарите повикуваат на ревизија на членот 3 од Уставот, кој го содржи терминот „раса“. Во јуни 2020 г., канцеларката Ангела Меркел изрази подготвеност за поддршка на оваа идеја. Но за какви било измени во Основниот закон е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Исто така, Германија планира да ги укине азбучните табели – фонетски помагала со фрази како „Ф за Фридрих“, кои останаа речиси непроменети откако нацистите во 1934 година ги отстранија сите имиња со еврејска конотација. И покрај тоа што овие табели беа ревидирани во 1950 г., повеќето од старите имиња не беа вратени во употреба.
Привремено враќање на табелите од периодот пред ерата на нацизмот се планира за есента 2021 година, со воведување нова верзија што ќе содржи главно градски имиња, која треба да биде претставена на почетокот на есента 2022 година. Овие азбучни табели не се утврдени во рамките определени со закон, но тие се постојано надгледувани „под будното око“ на Германскиот институт за стандардизација (ДИН).