Дроновите сигнализираат крај на ерата на доминација на брзите авиони?

677

Малото, евтино и тешко за откривање летало ги трансформира конфликтите низ регионот. Нападите врз Саудиска Арабија се јасно стратегиско предупредување дека заврши ерата на надмоќ на брзите авиони

Во историјата на модерното војување постојано се појавува изреката „поседувај го небото, победи ја војната“. Државите со најдобра технологија и најолеми буџети потрошија десетици милијарди долари за да поседуваат модерни воздушни сили, убедени дека тие и понатаму ќе им овозможуваат надмоќ на нивните армии во речиси секој конфликт. Но малите и евтини беспилотни летала го променија тоа, особено над воените полиња на Блискиот Исток, оценува „Гардијан“.

Само во изминатите три месеци, дроновите имаа големо влијание во Ирак, Сирија, Либан, а по сѐ изгледа и во Саудиска Арабија, каде што е преполовено производството на нафта по ненадејниот и брз напад, кој не беше детектиран од еден од најсофистицирани системи за предупредување од опасност од воздух во регионот. Па, така, како што наведува британскиот весник, дроновите сега се интегрален дел од арсеналот на најнапредните армии во регионот. Но и недржавните актери се обидуваат да ги набават, бидејќи се добро скриени и евтини летачки „играчки“, кои може да се искористат како оружје.

Израелската армија е опремена со најновите брзи авиони и прецизно оружје, но сепак посегна по својата флота на дронови за нападите врз цели во Сирија. Способноста на дроновите да ги избегнат радарите и со тоа да ги остават целите да се чудат кој навистина ги бомбардира, добро ја искористија израелските лидери, кои се обидуваат да спречат сѐ посмртоносната војна во сенка со Иран да се претвори во отворен конфликт.

И Иран го следи засилувањето на своите непријатели, зголемувајќи ја својата флота на дронови, вклучувајќи ги и најмодерните воени верзии, а технологијата за нивна изградба беше „позајмена“ од американскиот дрон што го собори пред четири години. Проиранските групи сѐ почесто користат верзии на дронови што се доставени од Техеран. Бунтовниците Хути, поддржани од иранската војска, претходно испратија беспилотно летало дури 700 километри во внатрешноста на Саудиска Арабија, за да извршат напади врз нафтени инсталации. Штетата што беше направена тогаш беше само најава за нападите во неделата, кои по сѐ изгледа се првиот голем напад со дронови врз стратегиско место со глобално значење. Глобалната цена на нафтата се зголеми, како и шансите за ескалација во регионот, додека, пак, САД првпат по повеќе години посегнаа по своите нафтени резерви.

Нападите врз Саудиска Арабија се јасно стратегиско предупредување дека заврши ерата на надмоќ на брзите авиони. САД би требало особено да се загрижени, бидејќи нивното влијание во регионот делумно се должи и на поседувањето на небото и смртоносната закана од американската авијација.