Држави со најголем јавен долг

231

Пописот на држави според јавниот долг, овозможува увид во долгот на државата во однос на БДП. За да се споредат квотите на задолженост на различни држави, мора предвид да се земат различните големини на националните економии, па, така, вкупниот долг се гледа во однос на БДП.
Во 2017 година, најголем национален долг имаше Јапонија и изнесуваше 223,8 отсто од БДП. Тоа значи дека целокупната економија би морала да работи 2,23 години, за во целост да го исплати државниот долг кон кредиторите на јапонската држава.
На второ место се наоѓа Грција, со национален долг, кој изнесува 180 проценти од БДП. По Грција следуваат Либан, Јемен, Италија и Португалија. Две држави со најмал долг се Макао и Источен Тимор.
Во државите од регионот, најголем јавен долг имаат членките на ЕУ – Словенија и Хрватска. Хрватскиот јавен долг е 81,5 отсто од БДП, додека, пак, словенечкиот е 78,6 проценти. Најнизок јавен долг имаат Косово (20,6 отсто) и Босна (43,2 проценти).
Просечниот долг на членките на ЕУ во 2018 година изнесува околу 81 отсто од вкупниот БДП. Оваа бројка сепак ја прикрива големата разлика помеѓу членките. Покрај споменатиот грчки јавен долг, Италија, Португалија, Кипар и Белгија исто така имаат јавен долг поголем од БДП.