До заштитниот меур на Путин не се стигнува лесно

527

Кога Федералната служба за безбедност изминатата пролет ја контактирала фирмата за опрeма и индустриско чистење „Мизоти“ на Олга Изранова и ги побарала нејзините услуги, таа веднаш знаела за кој клиент станува збор. Тие од неа побарале изградба на подвижни тунели кои целосно ќе ги дезинфицираат оние кои сакаат да стигнат до „заштитниот меур“ на рускиот претседател Владимир Путин. Ваквите преземени мерки далеку ги надминуваат заштитните мерки на неговите странски колеги, пренесува „Њујорк тајмс“.

 

– Со сигурност знам дека ниту еден новинар, вклучително и јас, го нема видено претседателот откако започна пандемијата – изјави Андреј Колесников од дневниот весник „Комерсант“, кој пишува за Кремљ уште од 2002 година.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не одговори на барањата за коментар во врска со претпазливоста на Путин, но оние кои сакаат да дојдат до Путин знаат дека постојат само два избора, или двонеделен карантин, или онлајн средба со претседателот.

За време на пандемијата, Русија честопати беше споредувана со САД и Бразил, две големи земји чии лидери се обинувани дека постојано го минимизираат ризикот од вирусот. Иако претседателите Доналд Трамп (објави дека е позитивен на коронавирус заедно со сопругата Меланија – н.з.) и Жаир Болсонаро ги прекршуваат мерките за движење и носење заштитна маска, Путин се затвори во сложениот заштитен меур и социјално се дистанцираше на досега невидено нив, а дозволи животот на останатите во Русија да продолжи како порано. 

Сега, на Русија ѝ се заканува втор бран од вирусот поради летото во кое работеа рестораните и кафулињата, а дневно има над 2.300 позитивни случаи. И додека рестрикциите беа засилени, а Путин присуствуваше на настани, таквите јавни присуства требаше да покажат чувство на нормала. Но, ситуацијата е далеку од вообичаена. 

Владата на Путин одлучи да се одржи и воената парада на Црвениот плоштад во јуни  по повод 75-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Сите ветерани кои беа во контакт со Путин исто така мораа претходно да поминат две недели во изолација. 

Во изминатите неколку месеци, неговата влада во голема мера ја прогласи пандемијата за победена. Критичарите тврдеа дека Русија брза да ги прекине ограничувањата со цел да го подигне моралот на луѓето пред одржувањето на референдумот за уставните измени на 1 јули, кој му ја отвори вратата на Путин да остане претседател до 2036 година. Кога тој во август објави дека Русија ја регистрирала првата вакцина против коронавирусот, изгледаше како земјата да го задава последниот, победоносен удар против пандемијата. Луѓето се вратија на работа, а училиштата започнаа со работа на први септември, како вообичаено. 

Екстремната претпазливост на Путин се должи и на неговата возраст. Тој има 67 години, што значи дека припаѓа на групата која е под релативно висок ризик од  коронавирусот. Според веб-страницата на Кремљ, од април досега, само едно лице, Игор Сечин, лично се сретнало со Путин повеќе од еднаш. Сечин е поранешен офицер на К.Г.Б. и близок соработник на Путин уште од од 90-тите години на минатиот век. Тој управува со „Роснефт“, рускиот државен нафтен гигант, а се сретнал со рускиот претседател во август и во мај.

Рускиот истражувачки новински центар „Проект“ во средата објави дека властите издвоиле два големи здравствени центри во црноморскиот град Сочи наменети за изолација на луѓе кои треба да остваруваат средби со Путин. Во септември, 30 работници во нуклеарната индустрија таму беа сместени во карантин, за потоа да бидат пренесени во Москва за средбата со претседателот, тврди „Проект“.

Иако лидерите од Европската Унија повторно почнаа да одржуваат лични состаноци, Путин, напротив, не заминал во странство од јануари досега. Песков оваа недела навести дека претседателот ќе продолжи со патувања во странство само откако ќе биде вакциниран. Но, тој објасни дека Путин сè уште не е подготвен да го стори тоа, и покрај сите пофалби од страна на државните медиуми за водечките достигнувања во врска со руската вакцина и нејзиниот развој.