Домот на врвните достигнувања со векови го обликува руското општество

145

Државниот универзитет во Санкт Петербург, основан во 1724 година од страна на рускиот цар Петар Велики, е најстариот и еден од најголемите во Русија. Оваа престижна образовна институција, која се состои од 24 факултети и институти, се гордее со деветмина добитници на Нобелова награда, а меѓу нејзините познати дипломци се Иван Тургенев, Игор Стравински, Анатолиј Карпов, Григориј Перелман, како и поранешниот руски премиер Димитриј Медведев, односно сегашниот руски претседател Владимир Путин

„Нова македонија“ ВО САНКТ ПЕТЕРБУРГ (2)

Државниот универзитет во Санкт Петербург неодамна угости новинари од поранешните југословенски републики во рамките на посетата на која учествуваше и „Нова Македонија“, по покана од ректорот Николај Кропачев, кој оствари и неформална средба со гостите. Новинарите во текот на обиколката имаа можност од љубезните домаќини да се запознаат со богатата историја на универзитетот, врвните достигнувања на неговите дипломци во најразлични области, како и со денешниот начин на работа. Универзитетот, основан во 1724 година од страна на рускиот цар Петар Велики, е најстариот и еден од најголемите во Русија. Тој се состои од 24 факултети и институти, меѓу кои спаѓаат Медицинскиот, Економскиот и Технолошкиот колеџ, како и Катедрата за физичка култура.

Оваа престижна образовна институција има два кампуса, а ја посетуваат над 30 илјади студенти. Универзитетот се гордее со деветмина добитници на Нобелова награда, а меѓу неговите познати дипломци се писателот Иван Тургенев, композиторот Игор Стравински, шахистот Анатолиј Карпов, математичарот Григориј Перелман, како и поранешниот руски премиер Дмитриј Медведев, односно сегашниот руски претседател Владимир Путин.
– Универзитетот има традиционално повеќевековно влијание во руското општество. Многу истакнати личности, општественици од различни области, од правото, уметноста, сликарството, балетот, поезијата или филозофијата потекнуваат од интелектуалната средина на Санкт Петербург, како во минатото така и во сегашноста – истакна Кропачев.

Особено импресивна беше посетата на музејот посветен на творецот на периодниот систем на хемиските елементи Дмитриј Менделеев, кој го претставил своето значајно откритие додека работел како професор и живеел на Универзитетот во Санкт Петербург. Просториите во кои тој престојувал, на приземјето од зградата на Дванаесетте колеџи, биле претворени во музеј во 1911 година. Во колекцијата на музејот, кој е отворен за посетители, се чуваат предмети што му припаѓале на големиот научник, како и неговите ракописи и библиотеката, која содржи околу 20 илјади книги. Работната канцеларија на Менделеев е зачувана во нејзината првична состојба. Во просториите каде што тој престојувал се наоѓа и неговата работна маса, покрај која секогаш работел стоејќи, а ѕидовите се украсени со неколку негови портрети, како и со фотографии од традиционалните средби со руската интелектуална елита на кои научникот бил домаќин.

Впечатливата сала на Сенатот на универзитетот се одликува со раскош. Ѕидовите се украсени во барокен стил од 18 век и на нив се насликани уметнички дела што симболизираат одредени човечки доблести потребни за носење важни одлуки. Воодушевува и универзитетската аула во која некогаш настапувала филхармонијата, а која денес се користи за одржување разни настани, како и на првиот час за студентите по уписот, односно за доделување на дипломите по завршеното факултетско образование. Универзитетот може да се пофали и со една од најстарите и најголеми библиотеки во Русија, која има седум милиони книги. Образовната институција има и сопствена црква, која некогаш била составен дел од градбите во Санкт Петербург. Дворот исто така е украсен со повеќе интересни скулптури.
Со право може да се каже дека Санктпетербуршкиот државен универзитет спаѓа меѓу големиот број културни богатства на Санкт Петербург, кој претставува своевиден град-музеј, што се должи на знаменитостите како што се музејот „Ермитаж“, Петропавловската тврдина, бродот „Аурора“, Зимскиот дворец, црквата на Христовото воскресение, Казанската катедрала и уште многу други што заслужуваат да се посетат.

[email protected]