Доживотна казна затвор за Ел Чапо

82
Апсењето на водачот на картелот Синалоа, Ел Чапо

На доживотна затворска казна осуден е мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман, попознат како Ел Чапо, кој беше прогласен за виновен во февруари за планирање на убиства и шверц на дрога.

Тој доби уште 30 години затвор, како и парична казна од 12,6 милијарди долари, a неговите адвокати најавија дека ќе поднесат жалба на пресудата.

Гузман пред изрекувањето на казната се пожали дека му е скратено правото на правично судење и дека се лоши затворските услови.

-Кога бев испорачан во САД, очекував дека ќе имам правично судење, но се случи спротивното- рече Ел Чапо.

Тој беше испорачан во њујоршкиот затвор на 19 јануари 2017 година, а уапсен една година претходно во Мексико.

Ел Чапо беше еден од шефовите на мексиканскиот наркокартел „Синалоа“. Тој е обвинет за производство и трговија со кокаин, хероин, марихуана и метамфетамини, што илегално ги внесувал на американскиот пазар.