Директорка на „Шарли Eбдо“ принудена да избега од дома поради смртни закани

87

Директорката за човечки ресурси на француското сатирично списание „Шарли Eбдо“ била принудена да го напушти својот дом откако добила смртни закани додека трае судењето за терористичкиот напад против списанието во јануари 2015 година, пренесува „Ле поан“.

Марика Брет во понеделникот изјавила дека властите ја тргнале од нејзиниот дом поради зголемувањето на нивото на закани кон неа.

– Ова го одразува невиденото ниво на напнатост со кое се соочуваме. Во понеделникот на 14 септември, моето обезбедување доби специфични и детални закани. Имав десет минути да си ја завршам работаата и да го напуштам својот дом. Десет минути за да се откажеш од дел од својот живот е малку кратко и многу насилно – изјави таа за француските медиуми.

Според списанието „Маријана“, Брет вели дека од почетокот на судењето за терористичкиот напад во 2015 година, таа и другите членови на „Шарли Eбдо“ забележале пораст на заканите.

– Добивме секакви ужаси, вклучувајќи закани од Ал Каеда и повици да ја завршиме работата на браќата Куачи – посочи таа.

Браќата Куачи, Саид и Шериф, го извршија нападот во редакцијата на „Шарли ебдо“ во 2015 година, убивајќи 12 и ранувајќи уште 11 лица. Двајцата браќа беа убиени во полициски акции неколку дена подоцна.

Брет исто така спомена дека во моментов канцелариите на Шарли Ебдо се неверојатно добро чувани, а адресата на редакцијата се чува во тајност.

– Адресата на нашите простории е тајна, има безбедносни брави насекаде, блиндирани врати и прозорци, вооружени безбедносни агенти, не можеме никово да внесеме таму – рече Брет.

Пред судењето за нападите во 2015 година, „Шарли Ебдо“ повторно одлучи да ги објави контроверзните карикатури со Мухамед, од кои едната беше нацртана од една од жртвите на терористичкиот напад.

Лоран Сурисо, попознат како „Рис“, кој сега го уредува „Шарли Ебдо“, ја коментираше одлуката повторно да ги објави карикатурите.

– Имаше потреба од добра причина да се стори тоа, причина што има значење и што носи нешто во дебатата… за нас се чинеше од суштинско значење да ги преобјавиме карикатурите оваа недела, на почетокот на судењето за нападите во јануари 2015 година – вели Сурико.