Дипломатска офанзива за поддршка на нападите во Сирија

1075

Со нацрт-резолуцијата на САД, Британија и Франција се бара од ОН да се обидат да го заживеат преговарачкиот процес, да прифатат примирје и да овозможат хуманитарен пристап до областите под опсада. Целта е да се покаже дека западната воена интервенција е дел од пошироката политичка и дипломатска стратегија за целосно уништување на хемиското оружје во Сирија, пишува „Гардијан“

Западните земји се обидуваат дипломатски да ги оправдаат ракетните напади врз Сирија, повикувајќи ги ОН да почнат широка истрага за сирискиот арсенал со хемиско оружје. Членките на Советот за безбедност вчера дискутираа за нова резолуција, за елиминирање на сириските хемиски капацитети, зголемувајќи го притисокот врз Русија да престане да го штити режимот на Башар ал Асад од поширока истрага на ОН за користењето хемиско оружје. Со нацрт-резолуцијата се бара од ОН да се обидат да го заживеат преговарачкиот процес, да прифатат примирје и да овозможат хуманитарен пристап до областите под опсада.

Целта е да се покаже дека западната воена интервенција е дел од пошироката политичка и дипломатска стратегија за целосно уништување на хемиското оружје во Сирија, пишува „Гардијан“. Нацрт-резолуцијата, предложена од САД, Британија и Франција, вклучува предлози за независна истрага во наводните напади со хемиско оружје во Сирија и да се идентификуваат сторителите. Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) ќе добие инструкции да направи извештај за 30 дена дали владата на Асад стои зад хемиските напади. Покрај тоа, документот бара медицински евакуации и безбедност за конвоите со помош во сите области на Сирија. „Гардијан“, кој се повикува на дипломатски извори, наведува дека со документот исто така се бара примена на резолуцијата за примирје, усвоена во февруари, но која досега не се материјализира.

Истовремено, нацрт-резолуцијата бара од режимот на Асад да почне мировни преговори „со добра волја, конструктивно и без предуслови“. Иницијативата на Западот во ОН следува откако Ники Хејли, амбасадорката на САД во светската организација, порача дека американските сили ќе останат во Сирија до завршувањето на нивната мисија.

– Војниците ќе останат сѐ додека Исламската држава не биде поразена, сирискиот арсенал со хемиско оружје не може да се користи против американските интереси и сѐ додека не се обезбеди позиција за следење на активностите на Иран во Сирија. Нема да си заминеме сѐ додека не ги оствариме тие работи – истакна Хејли. Таа најави нови американски санкции против компаниите што се поврзани со употребата на хемиско оружје од сириската влада. – Асад знаеше дека Русија го поддржува, Асад знаеше дека Русија ќе го заштити во ОН и Асад стана невнимателен и го искористи тоа на многу поагресивен начин. Мораме да бидеме свесни за фактот дека не смееме да дозволиме ниту најмала употреба на хемиското оружје – порача американската дипломатка.

Хејли додаде дека Сирија најмалку 50 пати употребила хемиско оружје од почетокот на Граѓанската војна. Британскиот весник потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп ја изненади својата војска со најавата за наскоро повлекување од Сирија. Но францускиот претседател Емануел Макрон завчера изјави дека тој го убедил Трамп да ги задржи подолго војниците во Сирија и да ги ограничи заедничките напади од саботата само на објектите за хемиско оружје.

– Пред десет дена претседателот Трамп сакаше САД да се повлечат од Сирија. Го убедивме да останат – истакна Макрон. Тој додаде дека Франција сега сака да ги вклучи западните сили, Русија и Турција во нова дипломатска иницијатива за наоѓање одржливо политичко решение за Сирија. Покрај тоа, Франција инсистира по воздушните напади да следуваат нови напори за испитување на тоа дали Русија ќе ги ограничи невнимателните методи на режимот на Асад. Се очекуваше шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ да ја поддржат иницијативата на вчерашниот состанок во Брисел. А предлогот најверојатно ќе биде дискутиран и на самитот на Арапската лига, чиј домаќин е Саудиска Арабија. Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив ле Дриан, повика на итна акција за да се избегне дополнителна хуманитарна катастрофа, со одложување на очекуваниот сириски напад врз Идлиб, последната голема провинција под контрола на бунтовниците. Тој исто така побара разоружување на џихадистичките групи во областа, а Русија да ѝ нареди на Сирија да се воздржи од нови напади.

– Русија би требало да им се приклучи на нашите напори за поддршка на политичкиот процес во Сирија, кој ќе овозможи излез од кризата – порача Ле Дриан. Светските медиуми потсетуваат дека Русија и Сирија и натаму ги отфрлаат воздушните напади како нелегален чин и агресија. Во телефонски разговор со иранскиот колега Хасан Рухани, рускиот претседател Владимир Путин предупреди на сериозни последици од повторување на нападите од саботата.

– Ако се повторат такви акции, кои претставуваат кршење на Повелбата на ОН, тоа неизбежно ќе предизвика хаос во меѓународните односи – порача Путин. Одлуката за ракетни напади врз Сирија следуваше по наводниот напад со хемиско оружје од 7 април врз градот Дума, кој тогаш се наоѓаше во рацете на бунтовниците, а сега повторно е под контрола на сириската војска. „Гардијан“ наведува дека првичната оцена за нападите е дека тие се успешни. Во акцијата немаше загинати цивили, а, уште поважно, беа избегнати жртви кај руската војска на теренот.

– Сепак останува голем сомнеж дека нападите ќе направат некаква разлика во сириската граѓанска војна, која сега е веќе влезена во осмата година, и тоа со околу 500.000 жртви. Критичарите тврдат дека нападот беше скапа претстава со огномет, спроведена без некаков долгорочен план за мир во Сирија или, пак, кохерентна геополитичка стратегија. Тие предвидуваат дека Асад ќе продолжи да ги убива своите противници исто како и досега – оценува „Гардијан“. И покрај тоа, од позиција на речиси неизбежен судир, САД и Русија сега може да кажат дека го „спасиле образот“. Трамп може да тврди дека, за разлика од Обама, тој одлучно дејствувал. А Кремљ, пак, може да истакне дека бомбардирањето било минимално, без жртви.


Москва нема да се меша во истрагата во Сирија

Официјална Москва соопшти дека нема да се меша во работата на мисијата на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ), чии иследници во Сирија треба да истражат дали имало напад со хемиско оружје во градот Дума. – Русија ја потврдува својата посветеност да се обезбеди непречена и безбедна работа на мисијата и нема да се меша во нивната работа – соопшти амбасадата на Русија во Хаг. Во соопштението се наведува дека нападите предводени од САД во текот на викендот врз три постројки во Сирија биле обид „да се поткопа кредибилитетот на мисијата“. ОПЦВ има 192 членки, а претседавачот, амбасадорот на Бангладеш, шеик Мохамед Белал, за вчера свика состанок на извршниот совет, во кој членуваат 41 држава, „за да разговараат за наводната употреба на хемиско оружје“ во Сирија.