Деталите од историскиот договор помеѓу Израел и ОАЕ се нејасни, но не и исходот

160

Договорот за воспоставување формални дипломатски врски, колку и да е историски, сепак нема да влијае врз регионот

Економист

Ова беше важен, но некако, на крајот разочарувачки чин. Вчера претседателот Доналд Трамп соопшти, се разбира преку Твитер, дека Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе воспостават целосни дипломатски врски. Ова ќе биде првата формална врска на Израел со една Заливска држава и трета со арапска држава. Во замена, Израел ќе се откаже од плановите за анектирање делови од окупираниот Западен брег, кои премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги реализира во текот на неговите три скорашни изборни кампањи. Во објавата на претседателот на Твитер се вели: „Оваа нормализација на односите и мирната дипломатија ќе спои два од најдоверливите и најспособните регионални партнери на Америка.

Тежината на објавата на претседателот брзо исчезна поради тоа што еден час подоцна тој пишуваше за универзитетски американски фудбал. Неговите колеги не можеа да се договорат за она за што се договорија. Мохамед бин Зајед, принцот од Абу Даби и владетел на ОАЕ, беше внимателен и посочи дека договорот само бил „пат“ до некакви односи. Нетанјаху беше повозбуден и изјави дека ќе се отворат амбасади и ќе се воведат директни летови меѓу двете држави.

Темпирањето беше изненадување, деталите нејасни, но не и исходот. Израел со години ги култивираше врски со Заливските држави. Шпионите и воените офицери споделуваа разузнавачки материјали. Заливските монарси веднаш ја набавија израелската шпионска опрема. Некои билатерални односи исто така беа изведени во јавност: во 2018 година Мири Регев, тогашниот министер за култура и спорт, беше во посета на Абу Даби за да ја гледа израелската екипа на натпреварување во џудо. Самиот Нетанјаху беше во официјална посета на Оман во 2018 година за да се сретне со починатиот султан Кабус.

За Трамп ваквото соопштение е дипломатска победа, не таква каква што би му донела изборна победа, но би му донела успех во време кога неговата администрација која се бори со ковид-19 и пад во економијата, забележа малку позитивни нешта. Ова исто така ќе биде привремен поттик за Нетанјаху, кој наскоро може да соочи со четврти избори за да го укине договорот за поделба на власта со неговиот поранешен ривал Бени Ганц. Договорот со ОАЕ му дава простор да го избегне прашањето дали да ја анектира територијата што е сон на неговите десничарски сојузници, но кој го навлече бесот на меѓународната заедница.

Договорот исто така ќе постигне стратегиско партнерство, иако можеби не такво какво што Трамп смета. За Америка, Израел и ОАЕ се важни елементи од напорите да се спречи подемот на Иран. Но ОАЕ не стравува од Иран како што стравуваат Израел и Заливските држави. Иранските фирми имаат претставништва во Дубаи и постојано има летови. Емиратите повеќе се загрижени за политичкиот ислам. Нивниот стар непријател во регионот не е Иран, туку Турција која ги поддржува исламистите ширум регионот и има касарна во Катар, кој е омразен меѓу Заливските држави и има добри врски со Муслиманското братство. Израел исто така ја дели загриженоста на заливските лидери за исламизмот. Палестинците како и секогаш се игнорираат, велејќи дека не биле известени однапред.

Кога Египет склучи мир со Израел во 1978 година, настана реорганизација во регионот со тоа што најголемата воена закана по Израел беше неутрализирана. Египет, кој е културно и политички најважен во арапскиот свет, беше отфрлен затоа што нагло ја прекина децениската борба против „ционистичкиот ентитет“. ОАЕ никогаш не беа вклучени во таа борба. Во денешно време, нивните врски со Израел беа тајни само на хартија и не бараа никакви отстапки за да станат официјални, односно само Израел да не направи нешто што не го направил претходно. Наместо да донесе промена во регионот, договорот меѓу Израел и ОАЕ само покажува колку регионот навистина се променил.

Превод: Билјана Здравковска