Десетте републиканци кои му го свртеа грбот на Трамп испишаа историја

1410

Десет членови на Републиканската партија гласаа за отповикување на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп поради случувањата при неодамнешниот упад во Конгресот, со што поставија неочекуван преседан.

Откажувањето на поддршката за Трамп претставува остар контраст во однос на едногласната поддршка меѓу републиканците кога тој првпат се соочи со барањето за импичмент во 2019 година. Тогаш сите демократи гласаа за отповикување, но ниту еден републиканец не го стори ова.

Сегашните гласови на републиканците преставуваа историски чин. За споредба, петмина демократи гласаа за импичмент на Бил Клинтон во 1998 година.

Лиз Чејни која беше меѓу 10-те републиканци што го поддржаа отповикувањето, во својата изјава истакна дека „досега не се случило поголемо предавство од страна на претседател на САД во однос на неговата функција и заклетвата кон уставот“, а Питер Меиџер кажа дека гласал за импичментот со „тешко срце“.

Си-ен-ен во колумната насловена „Карневалот на лицемерство на Републиканската партија“ наведува дека „вториот импичмент на Трамп ќе ги означи повеќето од неговите бранители од Републиканската партија како измамнички опортунисти кои до последен момент тврдеа оти на државата и е потребно единство, откако веќе придонесоа за реториката што ја доведе државата до работ на граѓанска војна“.

Сега останува да се види како Сенатот ќе се изјасни при второто гласање за отповикување на Трамп. За отповикувањето се потребни две третини од гласовите на составот со 100 члена, што значи дека е потребно да го поддржат барем 17 републиканци. Засега мал број на републикански сенатори сугерираа дека се во полза на отповикувањето. Седницата за импичментот на Трамп би се одржала по инаугурацијата на Џо Бајден која е закажана за 20 јануари.