Десетгодишно девојче се задуши во Италија, учествувало во „ТикТок“ предизвик

481

Италијанската агенција за регулирање на приватноста на податоците вчера ѝ нареди на апликацијата „ТикТок“ да ги блокира сметките на сите корисници во Италија чија возраст не може да се потврди, по смртта на 10-годишно девојче во Палермо, Сицилија, кое ја користело кинеската апликација.

Нејзините родители изјавија дека таа учествувала во таканаречениот „предизвик за гушење“ на „ТикТок“, ставајќи ремен околу вратот и држејќи го здивот додека снимала со нејзиниот мобилен телефон.

– ’ТикТок’ беше нејзиниот свет. И ‘Јутјуб’. Така го поминуваше времето – изјави таткото на девојчето Анџело Сикомеро за весникот „Кориере дела сера“.

Девојчето било хоспитализирано на интензивна нега, каде пристигнало со срцев застој. Девојчето починало вчера, по длабока и неповратна кома предизвикана од недостаток на кислород во мозокот.

Обвинителството отвори истрага за можно поттикнување на самоубиство и истражува дали некој го поканил девојчето да учествува во предизвикот.

Во соопштението регулаторот наведува дека иако „ТикТок“ се обврза да забрани регистрација за деца под 13-годишна возраст, сепак, е лесно да се заобиколи правилото.

Портпаролот на „ТикТок“ во Италија одговори дека приватноста и безбедноста се апсолутни приоритети, истакнувајќи дека тие постојано работат на заштита на нивните политики, процеси и технологии за да ја заштитат заедницата и особено помладите корисници.