Дента на исчезнувањето на Кашоги ми кажаа да ја вклучам рерната

377
Свршеницата на Кашоги, Хатиџе Ченгиз присуствуваше на судењето

ВО ТУРЦИЈА ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА НОВИНАРОТ

Членовите на персоналот кои работеа во саудискиот конзулат во Истанбул кога Џамал Кашоги беше убиен, посочија дека им било кажано да се држат настрана од резиденцијата дента кога новинарот исчезна во 2018 година, во нивното сведочење на почетокот на судењето во Турција, пренесува Си-ен-ен.

На хигиеничарка, двајца возачи и уште еден работник, им бил забранет пристапот или им кажале да не доаѓаат на работа на 2 октомври 2018 година. На еден од вработените, Зеки Демир, му било кажано дека конзулатот ќе се реновира, за потоа да го повикаат во два часот по полноќ.

– Имаше пет или шест луѓе. Тие ме спречија да влезам. Тие ми кажаа да ја вклучам рерната. Владееше атмосфера на паника. Ја вклучив рерната и тие разговараа меѓусебе. Се шегував дека ако некој падне во рерната, ќе стане ќебап. Тогаш заминав – кажа Демир.

Во обвинението беа вклучени и изјавите на децата на Кашоги, кои им „простија“ на убијците, со што тие ќе бидат поштедени од смртна казна. Во обвинението се детално приккажани настаните кои во пресрет на 2 октомври 2018 година, кога Кашоги влезе во саудискиот конзулат во Истанбул за да земе документи што требаше да му овозможат да стапи во брак со свршеницата Хатиџе Ченгиз. Тој никогаш не излезе од конзулатот.

Адвокатите на дваесетмината обвинети Саудијци, назначени од турската адвокатска комора за судењето, посочија дека не успеале да стапат во контакт со нивните клиенти.

Меѓу осомничените се Ахмед ал-Асири, поранешен заменик-шеф на саудиското разузнавање и Сауд ал-Катани, поранешен советник на саудискиот принц. Двајцата се обвинети за „поттикнување на осмислено убиство со мачење, со монструозна умисла“. Останатите 18-мина осомничени се обвинети за „осмислено убиство со мачење, со монструозна умисла“.

Во извештајот објавен минатата година, од страна на специјалната известителка на Обединетите нации, Агнес Каламар, беше заклучено оти Саудиска Арабија е одговорна според меѓународното право, за „намерна егзекуција со умисла“ на Кашоги, со што таа повика на истрага за улогата на саудискиот принц Мохамед бин Салман, велејќо дека „има кредибилни докази за понатамошна истрага“.