Демонстрациите во Хонг Конг дополнителен притисок за Си Џинпинг

110

Насилните протести во Хонг Конг против контроверзниот закон за екстрадиција доаѓаат во најлошо можно време за Комунистичката партија на Кина и нејзиниот лидер Си Џинпинг, пишува Си-ен-ен.

Соочувајќи се со слабеење на економијата и трговски тензии со САД кои се на највиско ниво, експертите велат дека Си е под голем притисок да испорача резултати од неговото доаѓање на власт доцна во 2012 година.

Десетици илјади, главно млади демонстранти вчера повторно излегоа на улиците на Хонг Конг, привремено затворајќи го парламентот на државата и околните улици, со што предизвикаа одложување на читањето на законот.

Најмалку 72 лица беа повредени во текот на целиот ден, а околку 5 илјади полицајци делуваа со испукување на гумени куршуми и солзавец кон демонстрантите.

Познавачите на состојбите сметаат дека Пекинг не би сакал да дојде во позиција да ја повлече поддршката за законот, но од друга страна не смее да си дозволи да ги потпали состојбите со сериозно делување и истрага. Дилемата која ја мачи вообичаено одлучната администрација на Си е дали да интевернира или да се обиде да избегне ескалација на кризата во Хонг Конг.

– Беззаконието ќе го повреди Хонг Конг, а не предложените амандмани за законот за екстрадиција – рекоа од кинеската влада за државниот весник „Чајна дејли“.

Од друга страна, професорот на Кинескиот универзитет на Хонг Конг Вили Лам, рече дека за кризата со екстрадицијата нема лесно или јасно решение за Пекинг.

– Ова е конфронтација на волјата на граѓаните на Хонг Конг и администрацијата на Си Џинпинг, кој е одлучен да биде арбитар на работите во Хонг Конг – рече професорот Лам.

Кина претходно даде силна поддршка за овој закон, за кој демонстрантите сметаат дека е во иднина би се користел за да се испраќаат политички активисти и дисиденти од градот во Кина за да се соочат со построги казни.