Демократите бараат големи реформи на американскиот капитализам

105

Демократските претседателски кандидати повикуваат на измени на начинот на кој функционира капитализмот во САД, за да биде праведен за сите Американци

Повеќето демократски кандидати за изборите во 2020 година бараат реформи на капитализмот во САД, порачувајќи дека сакаат да го направат поправеден. Во овие први недели од претседателската кампања, демократските кандидати се соочија со серија невообичаени прашања, делумно поттикнати од мрачното предупредување на претседателот Доналд Трамп против „новите повици за усвојување на социјализмот во државата“. На првото прашање, „Дали сте социјалист?“, демократите лесно одговорија. Берни Сандерс одговори потврдно, додека сите други одговорија со „не“. Но, второто прашање, „Дали сте социјалист?“, не беше толку очекувано, пишува „Лос Анџелес тајмс“.

Кандидатката Елизабет Ворен, според весникот, даде краток, но можеби најискрен одговор.

– Јас сум капиталист до сржта. Верувам во пазарите. Но она во што не верувам се грабежите – истакна Ворен.

Другите се согласуваат, декларирајќи се како капиталисти, но незадоволни капиталисти.

– Јас сум капиталист. Откако го кажав тоа, јасно е дека станува збор за несовршена, неправедна и расистичка капиталистичка економија – порача Бето О’Рурк.
За Џон Хикенлупер, станува збор за смешно прашање. Но, според „Лос Анџелес тајмс“, откако кандидатите почнаа да објаснуваат што мислат за економијата, тогаш прашањето воопшто не е смешно. Иднината на капитализмот – дали тој функционира за повеќето Американци, зошто неговите придобивки се толку нееднакво распределени и како може да се поправи – е едно од централните прашање денес.
За Ворен, жесток критичар на финансискиот систем, главниот дефект на капитализмот се лабавите правила. Според неа, дерегулацијата на банките и на Волстрит доведе до финансиската криза во 2008 година и продуцира неправедни исходи и денес.
– Го сакам тоа што пазарите може да го сторат. Го сакам тоа што функционалните економии може да го сторат. Тие нѐ прават богати и тие создаваат можности, но само праведни пазари, пазари со правила. Пазарите без правила се користат за богатите да земат сѐ, за моќните да земат сѐ. Токму тоа е погрешно во Америка – истакнува Ворен.
Камала Харис и другите демократски кандидати споменаа слични популистички теми.
– Ги поздравувам луѓето што напорно работеле и постигнале успех. Но мораме сите да признаеме дека правилата не важат еднакво за сите – порача Харис минатиот месец во Њу Хемпшир.

Бившиот потпретседател Џо Бајден, кој се очекува наскоро да ја објави својата кандидатура, понуди помека верзија, повикувајќи ги капиталистите да преземат „морална одговорност“, за недостигот од праведност во економијата.

– Никому не му завидувам што заработува милион или стотици милиони долари. Но, сепак сметам дека постои некаква споделена одговорност, и дека не се споделува праведно. Што се случи со моралната одговорност, со моралниот капитализам – истакна Бајден неодамна во говорот пред студентите на универзитетот „Пенсилванија“.

Во меѓувреме, во демократскиот социјалистички камп, Сандерс тврди дека е време економските права да се подигнат на нивото на традиционалните уставни права.

– Имаме политичка и религиозна слобода, и сето тоа е многу важно. Но знаете ли што немаме? Немаме гаранции што се однесуваат за економските права – оценува Сандерс.

Демократските кандидати објавија серија предлози за да илустрираат што ќе сторат за да го направат капитализмот поправеден. Сандерс предлага програма за гарантирано вработување, која ќе создаде околу 15 милиони федерално финансирани работни места, единствен владин систем за здравствено осигурување, Медикер за сите, како и долга листа на даночни зголемувања за да се плати за сето тоа. Ворен повикува на промени во корпоративното управување, вклучувајќи и акт за одговорен капитализам, со кој ќе се бара од поголемите фирми во управните одбори да вклучат претставници на вработените и да ги земат предвид интересите на работниците и заедниците, а не само на акционерите. Истовремено, главниот економски предлог на Херис предвидува обезбедување даночни кредити за семејствата со низок и среден приход, во висина до 3.000 долари за лице годишно за околу 80 милиони Американци во директната редистрибуција на приходот.

Ова засега се само предлози, кои малку имаат шанси да станат закон во сегашната форма, без разлика на тоа кој ќе биде избран за претседател наредната година. Сепак, со исклучок на Сандерс, овие демократи не се социјалисти, без разлика на тоа што Трамп го тврди. Нивна цел е да го направат капитализмот да функционира подобро, исто како што демократите се обидуваат да го сторат тоа уште од Френклин Д. Рузвелт, пишува „Лос Анџелес тајмс“.


„Политико“: Трамп убедливо би победил во 2020 година ако економијата продолжи да расте

Американскиот претседател Доналд Трамп има низок рејтинг, постојано е вклучен во твитер-војни и се соочува со метастазирачки истраги. Но доколку денес се одржат избори, Трамп би го освоил вториот мандат со голема разлика. Единствени работи што би можеле да го спречат за остварувањето за таа цел се забавена економија или голем скандал, кои можат да променат сѐ, наведува „Политико“.
Во корист на Трамп се силната американска економија, со ниска невработеност и растечки плати, и ниските цени на горивото. И додека изгледа дека е во многу посилна позиција отколку што покажува неговиот рејтинг, тој би можел да се најде во сериозни проблеми доколку економијата значително забави во периодот до наредната есен, нешто што многумина експерти предвидуваат дека ќе се случи. Аналитичарите, кои користат економски податоци и историја на гласањето за да дадат предвидувања, исто така оценуваат дека остар пад на економскиот пораст и зголемување на стапката на невработеност до есента значително би можеле да ја изменат судбината на Трамп, пишува „Политико“.

[email protected]