Девојките, парите и влијанието беа само игра за Епстајн

399

Самоубиството на познатиот финансиер, милионер и осуден сексуален престапник Џефри Епстајн отвори многу стари и нови прашања околу неговото однесување во минатото, повразноста со најразлични влијателни личности и неговиот раскошен животен стил како дел од светската елита.

Епстајн беше човек со огромни средства, но без факултетска диплома и без брокерска лиценца. Неговата репутација на истакнат финансиер не се засноваше на некои конкретни постигнувања, туку на широката мрежа на моќни пријатели кои тој ги создаде во текот на годините. Останува неверојатно впечатлив фактот што никој не може точно да каже како тој ги заработил своите милиони (неговото богатство се проценува на половина милијарда долари), пишува Си-ен-ен.

Иронијата на влијанието на Епстајн се состои во тоа што тој намерно бил енигматска фигура, човек кој уживал да кажува приказни за себе во кои тешко може да се поверува. Луѓето, и покрај тоа, останувале блиски со него.

Еден од моќниците во најблискиот круг, покрај сегашниот американски претседател Доналд Трамп и пораненшниот Бил Клинтон, принцот Ендрју и многу други, е бизнисменот Лезли Векслер, кој по смртта на Епстајн открива дека озлогласениот сексуален престапник пред повеќе од една декада злоупотребил пари кои ги добил од него и неговото семејство.

– Сите работи, вклучувајќи ги парите и девојќите, сè беше само игра за него. Еден синџир, во кој тој земаше пари од богатите луѓе кои ги култивираше, шармираше и поткупуваше, а за возврат им плаќаше на жените да прават што ќе им побара. На крајот, пак, сè се засноваше на парите и моќта која ја добиваше – кажа близок пријател на Епстајн, кој долги години примал совети од него.

Дел од перформансот на Џефри Епстајн беше прикажувањето на неговиот раскошен дом во кој беа закачени фотографиите од влијателните луѓе со кои беше пријател и соработник. Се шпекулира дека тој бил близок и со саудискиот приц Мохамед Бин Салман, а некои тврдења кажуваат дека тој всушност бил негов финансиски советник, што саудиското кралство го отфрли како неточно, пишува Си-ен-ен.