Трамп и Хафтар телефонски го договарале мирот во Либија

309

Белата куќа денеска соопшти дека претседателот Доналд Трамп во понеделникот телефонски разговарал со либискиот воен командант Калифа Хафтар за противтерористичките напори и потребата да се постигне мир и стабилност во Либија.

Во соопштението се вели дека Трамп ја признава важната улога на маршалот Хафтар во борбата против тероризмот и обезбедувањето на либиските нафтени ресурси. Тие разговарале и за заедничката визија за транзицијата на Либија кон стабилен демократски политички систем.

Во борбите во Триполи, во последните две седмици загинаа 213 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Во насилствата се повредени 1.009 лица, соопшти денеска СЗО.

Генералот Калифа Хафтар, кој е командант на воените сили од источниот дел на Либија, на 4 април ги започна операциите за преземање на Триполи, по што дојде до сериозни судири во главниот град на земјата и неговата околина меѓу неговите сили и Владата на национално единство на Либија.