„Движењето“ смета на Орбан за да забие колец низ срцето на бриселскиот вампир

1659
Банон (втор од лево кон десно) на средба со Орбан

Стив Банон планира да покрене сложена акција преку која ќе ги поддржи десничарските популистички партии на наредните избори за Европскиот парламент (ЕП), со цел да го претвори гласањето, во мај в година, во своевиден континентален референдум за иднината на Европската унија (ЕУ), пишува британски „Гардијан“.

– Срцето на глобалистичкиот проект е во Брисел. Ако забијам колец низ вампирот, тоа ќе престане да чука – порача Банон во јули.

За таа цел Банон ги актуелизираше плановите за „десничарска револуција“ во Европа и основање на фондација наречена „Движењето“, чија цел е да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос. Брисел е избран за седиште на фондацијата што ќе им помага на десничарските партии, преку изработка на анкети, политички совети, овозможување на пристап до податоци, организирање на кампањи на социјалните мрежи, како и во изборот на кандидати.

Извесно е дека Банон смета на поддршката на унгарскиот премиер Виктор Орбан, со кого најави дека ќе соработува во пресрет на изборите за ЕП, во неодамнешно интервју за „РТЛ“. Американецот истакна дека веќе се сретнал со Орбан и со неговите помошници во неколку наврати, на состаноци што биле затворени за јавноста. Од унгарската влада засега нема коментар на овие тврдења, додека се појавија шпекулации за ставот на Орбан. „Ројтерс“ пренесува дека тој ја прифатил идејата, додека „Гардијан“ тврди дека унгарскиот политичар изразил неодлучност кон приклучување на „Движењето“.

– Би ја избрал Будимпешта за центар на „Движењето“. Будимпешта многу ми се допаѓа, но тоа очигледно не е практично решение. Ќе поминеме многу време во Унгарија до изборите – порача Банон, најавувајќи дека ќе го посети главниот град на Унгарија месецов.

Идеологот на алтернативната десница во САД, наводно, обезбедил поддршка во Италија, додека уште агитира заедно со неговите соработници низ Шведска, Финска, Данска, Полска, Австрија и Германија, барајќи можни сојузници.

Поранешниот директор на екстремно конзервативниот интернет-портал „Бреитбарт“ има амбиција да создаде широка коалиција на популисти во следниот состав на ЕП. Банон е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, Британецот Најџел Фараж и со други „алтернативни десничари“ во Европа.

– Неколку месеци откако беше протеран од Белата куќа, Банон работи на процесот на обезбедување власт за десничарските партии. Тој сака да создаде нова „супергрупа“ во Европскиот парламент, преку соединување на ултрадесничарите и на евроскептиците – се наведува во анализата на „Гардијан“.

Кризите што ја потресуваат Европа, од Брегзит до миграцијата, создадоа длабоки поделби и плодна почва за популистите во Европа.