Данска гради ограда на границата со Германија

129

Данска ќе подигне 70 километри долга ограда на границата со Германија за да спречи влез на диви свињи и да спречи ширење на африканската свинска треска, што би можело да го загрози производството на месо во таа земја.

Агенцијата за заштита на животната средина на Данска објави дека одобрила план за ограда која ќе биде висока до 1,5 метри. Подигањето на оградата ќе започне следната година.

Членовите на данскиот Парламент го одобрија подигнувањето на оградата за спречување на африканската свинска треска, која беше регистрирана воглавно во Полска и Романија.

Министерот за животна средина Јакоб Елеман-Јенсен претходно изјави дека поради ширењето на болеста, извозот на данско свинско месо во земји надвор од Европската унија, во вредност од 1,5 милијарди евра годишно, би можела да биде загрозено. За разлика од свинскиот грип, африканската свинска треска не влијае врз луѓето.