Дали Париз ќе ја предводи Европа во справувањето со поранешните џихадисти?

72

Додека Франција презема засилени мерки против лица осомничени за верски екстремизам, повеќе европски земји засега сѐ уште немаат јасна визија ниту план како да се справат со евентуалниот проблем, кој би можел да настане и со рехабилитацијата на поранешните лица осудени за тероризам

По бруталното убиство на професорот Самуел Пати, Франција планира да преземе засилени мерки против радикализацијата и да ја подобри безбедноста во училиштата. Едни од мерките што француските власти соопштија дека ќе ги преземат во деновиве што следуваат е и протерување на 231 странец што престојуваат во Франција, чии информации се чуваат на владината листа за контрола на осомничени за верски екстремизам. Како што јавува АФП, Владата на претседателот Емануел Макрон се најде под силен притисок да заземе поцврст став во однос за странците, кои се сметаат за безбедносна закана. Од вкупниот број осомничени што се планираат да се протераат, 180 лица веќе се во затвор, а 51 лице што живеат слободно во Франција, во деновите што следуваат ќе бидат уапсени. Ова дополнително го вклучи алармот за другите држави од Стариот Континент и го отвори прашањето како се справува Европа со поранешните џихадисти. Британскиот јавен сервис Би-би-си, на оваа тема забележува дека иако В. Британија за оваа проблематика веднаш реагираше и го донесе законот со кој се блокира предвременото пуштање на слобода на осудениците обвинети за тероризам, другите европски земји засега сѐ уште немаат јасна визија како ќе се справат со овој евентуален проблем, кој би можел да ги загрози безбедноста и слободата на граѓаните. Неодамна европската полициска агенција Европол, посочувајќи конкретни бројки за тоа колкав број осуденици за тероризам по извршување на казната затвор чекаат да бидат пуштени на слобода од ќелиите низ Европа, информира дека во наредните неколку години од европските затвори на слобода ќе излезат илјадници лица што биле осудени за насилство, тероризам или за ширење исламистички екстремизам.

Според Европол, во ЕУ засега најмногу судски предмети за лица што се товарат за извршено терористичко дело има во Шпанија и бројката на предмети таму изнесува 343. По неа, според европската полициска агенција, следуваат В. Британија со 329 предмети, Франција со 327 и Белгија со 301 судски предмет што биле отворени против лица што се товарат за тероризам.
– Во 2018 година, околу 61 отсто од пресудите за тие случаи во државите на ЕУ беа класифицирани како „џихадисти припадници на терористичка групација“. Овој тренд на пресуди започна во 2015 година, една година откако групата Исламска држава го прогласи својот калифат на Блискиот Исток. Радикализирани од ИД, овие џихадисти извршија низа злосторства низ Европа, а најкрвави беа оние во Париз и во Ница, во кои загинаа околу 200 лица, а над 350 беа повредени – соопшти Европол.
Во меѓувреме сторителите на тероризам не остануваат зад решетки засекогаш, пишува на истава тема безбедносниот институт „Глобсек“.

– Од вкупно 199 лица лишени од слобода, поради терористички напади и поврзани со тероризам, во 2015 година, дури 57 отсто ќе бидат пуштени на слобода до крајот на 2023 година – забележува „Глобсек“. Според анализата, неколку стотици осуденици се товарат за планирање терористички напади на европска почва, но и поради учество или финансирање на терористичка организација. Само во Франција, околу 50 затвореници од вкупно 500 осуденици обвинети за тероризам се очекува да бидат пуштени на слобода уште оваа година. Во В. Британија оваа бројка е помала и таа изнесува околу 50 лица, додека во Шведска засега не се евидентирани вакви случаи. Иако во повеќето европски земји има програми за рехабилитација на овие лица, тие, сепак, не се задолжителни за сите што го прекршиле законот или направиле терор и насилство – анализира „Глобсек“.