Дали може Трамп да прогласи вонредна состојба за да го изгради ѕидот?

118

Претседателот Доналд Трамп предупреди дека може да прогласи вонредна состојба на американско-мексиканската граница, откако несогласувањата околу финансирањето за неговиот предлог за ѕидот доведоа до блокирање на американската влада

Искористувањето на претседателските ингеренции за прогласување вонредна состојба може да му даде простор на американскиот претседател Доналд Трамп да го заобиколи Конгресот и да добие пристап до средствата и ресурсите што се потребни за остварување на проектот, наведува Би-би-си.
Вонредна состојба се прогласува во време на криза. Во овој случај, Трамп смета дека кризата ја предизвикуваат мигрантите што влегуваат преку американско-мексиканската граница. Според Елизабет Гоитејн, кодиректорка на програмата за слобода и национална безбедност на центарот „Бренан“, прогласувањето вонредна состојба му дава на претседателот пристап до посебни ингеренции што се содржат во над 100 други закони. Овие ингеренции ефикасно му овозможуваат на претседателот да го заобиколи стандардниот политички процес. Гоитејн вели дека очигледно намерата е да се овозможи многу потребната флексибилност кога постојат итни кризи што Конгресот нема време да ги решава.

Иако двете страни се согласуваат дека постои проблем, сепак спорно е дали тој треба итно да се реши. Од една страна, над 2.000 лица беа враќани или апсени секој ден на границата само во ноември. Поддржувачите велат дека ова претставува проблем што итно мора да се реши. Други тврдат дека бројката е многу пониска од пред една деценија, а многу од илјадниците што пристигнуваат на север од државите, како што е Хондурас, се претставуваат како баратели на азил што сакаат легално да влезат во државата.

Сепак, противниците на Трамп и групите за граѓански слободи нема да се предадат без борба. Прво, Конгресот може да гласа против потегот. Но не е јасно колкави се шансите за да се случи ова. На прашањето за состојбата од понеделникот, Крис Стиреволт, уредник во телевизијата Фокс њуз, која ја поддржува изградбата на ѕидот, изјави дека не верува дека Конгресот ќе ја изгласа одлуката. Ако сепак се случи тоа, сè уште постои можност да се блокира преку судовите, што и воедно се случи кога претседателот Хари Труман се обиде да ја национализира челичната индустрија за време на Корејската војна, што беше правен преседан.

Во изјавата за Си-ен-ен, Адам Шиф, претседателот на разузнавачкиот комитет на Претставничкиот дом, истакна дека ако Хари Труман не успеа да ја национализира челичната индустрија за време на војната, тогаш овој претседател нема моќ да прогласи вонредна состојба и да изгради мултимилионски ѕид на границата.

Колку често претседателите ги искористуваат ингеренциите за прогласување вонредна состојба? Изненадувачки е што тоа се случува често. На пример, претходникот на Трамп, претседателот Барак Обама тринаесет пати прогласуваше вонредна состојба, додека неговиот претходник Џорџ Буш помладиот тоа го направи дванаесет пати. Ако Трамп реши да прогласи вонредна состојба, тогаш таа ќе биде четврта во неговиот мандат.

Некои од прогласувањата вонредна состојба беа поради епидемијата на грип Х1Н1, а потоа немаше нови. Други беа поопшти и се користат и ден-денес, како што е блокирањето на имотот на поединците „што учествувале во сериозни и злонамерни активности во сајбер-просторот“.

Можеби најпознатата ситуација во која еден претседател ги искористил своите ингеренции беше случајот на Франклин Д. Рузвелт, кој одлучи насилно да протера повеќе од 110.000 Американци со јапонско потекло во период од неколку месеци по нападот на Перл Харбор во 1941 година. Во поновата историја, Џорџ Буш Помладиот ги искористи ингеренциите за прогласување вонредна состојба за да се одобрат прислушувањето и контроверзните методи на испрашување што наидоа на жестоки критики, како што беше мачењето по терористичките напади од 11 септември, порача Гоитејн.

Кои се долгорочните последици ако Трамп го изгради ѕидот? За почеток тоа би значело дека САД мора да најдат милијарди долари за изградбата на ѕидот во не толку далечна иднина. И покрај првичните гаранции на Трамп, се чини дека Мексико нема да учествува во проектот. Тоа може да биде аларм за Конгресот за тоа колкави ингеренции добија претседателите со воведувањето на Законот за прогласување вонредни состојби во 1976 година. Гоитејн заклучува дека сето тоа покажува зошто законодавството не треба да овозможи неограничена доверба во претседателот.


Американскиот претседател на границата со Мексико

Откако неочекувано го прекина состанокот со демократските лидери во Белата куќа за финансирање на ѕидот на границата со Мексико, американскиот претседател Доналд Трамп вчера одлучи сам да се увери каква е состојбата на границата. Трамп претходно изјави дека го напуштил состанокот со демократските конгресни лидери, затоа што тоа е „целосно губење време“, додека демократите наведоа дека тој излегол во „настап на гнев“.
– Прашав што ќе се случи за 30 дена ако брзо ги одблокирам работите. Ќе го усвоите ли законот за погранична безбедност, кој подразбира ѕид или челична ограда? Ненси одговори: „Не“. Реков: „Тогаш, до гледање, ништо друго не доаѓа предвид“ – напиша Трамп на Твитер.