Дали еден човечки живот вреди колку дневната заработувачка на „Боинг“?

303

Сопруга на еден од загинатите во падот на „Боинг 737 Макс 8“ на „Етиопиан ерлајнс“ во март годинава во која загинаа сите 157 луѓе во авионот, поднесе тужба против американската компанија во вредност од 276 милиони долари, јавува Си-ен-ен.

Французинката Надење Дубоа-Сикс, чиј сопруг загина во несреќата, ја поднесе тужбата против Боинг во нивното седиште во Чикаго.

– Ова беше трагедија, која по дефиницја можеше да се избегне, поради тоа што пред само пет месеци се случи слична несреќа. Како можеа да бидат „глуви“ на ова предупредување? – изјави за медиумите вдовицата Дубоа-Сикс, мислејќи на другиот „Боинг 737 Макс 8“ на индонезиската „Лајон ер“ кој се сруши минатиот октомври, несреќа во која загинаа 189 лица.

Од компанијата „Боинг“ во саботата признаа дека било неопходно да се поправат грешки во нивниот софтвер за симулација на кој тренирале пилотите кои ракувале со „737 Макс“, по двете катастрофални несреќи во кои животите ги загубија вкупно 346 луѓе. Но, компанијата не потенцираше како или кога се пронајдени овие грешки.

Адвокатот на семејството Дубоа-Сикс, Номан Хусеин, објасни како всушност е дојдено до сумата од 276 милиони долари кои ги бара оштетената.

– Во 2018 година, „Боинг“ заработи 101 милијарди долари. Кога оваа бројка ќе се подели на 365, пристигнуваме на 276 милиони. Дали еден ден од заработувачката на компанијата е доволно значаен за да се подобри нивното однесување во идина? За тоа ќе одлучи судот – истакна адвокатот Хусеин.

Дубоа-Сикс се приклучува на неколкуте поднесени тужби против „Боинг“, по двете катастрофални несреќи на нивните авиони.