Дали Америка ќе стане социјалистичка држава?

240

Верувам дека секој Американец треба да има стабилно и достоинствено домување, здравствена грижа, образование. Повеќето од основните потреби за одржување на модерниот живот треба да се гарантираат во моралното општество, вели Александрија Окасио-Кортез

 Зборот социјализам во поголемиот дел од историјата на САД имаше негативна конотација и најчесто се поврзуваше со државната сопственост на средствата за производство, комунизмот или тоталитарните влади, пренесува „Гласот на Америка“. Во минатото, Социјалистичката партија на Америка се бореше да ја добие поддршката на народот.

„Њујорк Тајмс“ забележува дека демократскиот социјализам стана главна сила во американскиот политички живот. Социјалистичките идеи се сé популарни во САД, видливо во анкетите, како и во економските, политичките и даночните политики кои се тесно поврзани со социјалистичката кауза на демократските кандидати кои бараат партиска номинација во 2020 година. Во текот на претседателската кандидатура во 2016 година, сенаторот Берни Сандерс од Вермонт се идентификуваше како демократ-социјалист и успеа да привлече генерација на гласачи која бара прогресивна политика како бесплатно универзитетско образование и бесплатно здравство. Конгресменката Александрија Окасио-Кортез и многу други нови членови на градските совети и законодавни тела се идентификуваат како демократи социјалисти и беа избрани со поддршка на Демократските социјалисти на Америка, пренесува „Нејшн“. Според податокот од „Хил“, организацијата Демократски социјалисти на Америка има 40.000 членови. Клучен момент во историјата на американскиот социјализам беше финансиската криза од 2008 година, кога даночните обврзници беа принудени да го спасуваат Волт Стрит и кога многу семејства ги изгубија своите домови поради неуспехот да ги платат своите хипотеки, пишува „Њујоркер“.

Според анкетата спроведена од „Галуп“, 43 отсто од Американците изјавуваат дека социјализмот ќе биде добра работа за државата. „Галуп“ исто така забележува дека четворица Американци од вкупно 10, прифаќаат некаква форма на социјализам или социјалистичка политика. Бројките покажуваат дека оваа социјалистичката идеологија е особено популарна помеѓу жените во Америка, од кои 48 отсто изјавиле дека социјализмот е добар за земјата, наспроти 47 отсто кои се изјасниле негативно, додека кај мажите 56 отсто дале негативен одговор, а 38 отсто позитивен. Социјалимот е особено популарен кај младата популација. Американците на возраст помеѓу 18 и 34 години, кое беа анкетирани од „Галуп“, 50 отсто дале позитивен одговор изјавувајќи дека социјализмот е добар за Америка. Џон Николс анализирајќи ги податоците на „Галуп“ забележува дека ако се земе в предвид расположението на женската и младата популација, сосема е разумно да се сугерира дека социјализмот е во мода. Истиот автор забележува дека ставовите на Американците за социјализмот се комплексни, односно оти има забележителни позитивни промени во ставовите на Американците за социјализмот, меѓутоа употребата на зборот социјализам кај Американците е повеќесложен.