Грузиското вино настрада во тензиите помеѓу Москва и Тбилиси

90

Москва издаде забрана за увоз на најпознатите производи на Грузија, откако минатата недела избија протести во Тбилиси по обраќањето на руски пратеник на седницата на грузискиот парламент, со што повторно се разгореа непријателските тензии од минатото меѓу двете држави, пренесува Радио Слободна Европа.

Руската агенција за заштита на потрошувачите завчера соопшти дека увозот на грузиски вина во Русија, што минатата година изнесувал 50 милиони шишиња, значително се намалил. Агенцијата посочи дека пратките од осум грузиски производители на вино веќе биле сопрени на граница.

Повеќе од 200 илјади литри вино увезени минатата година не ги исполниле „неопходните стандарди“, велат од агенцијата. Тврдат дека немало никаква индикација дека зголемените политички тензии влијаеле на одлуката да се зголеми контролата. Истото го тврди и портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.

– Тука нема политички конфликт. Ова се превентивни мерки за да се осигури безбедноста на нашите граѓани – изјавил Песков.

Соопштението на агенцијата беше објавено откако рускиот телевизиски презентер Димитриј Киселов јавно се запрашал, зошто на Русија ѝ е потребно грузиско вино кога Грузија им приреди толку непријателско добредојде на руските пратеници, што предизвика низа сомнежи во врска со одлуката.