Грузиската војна ја врати Русија на светската сцена

501

Анализа на американски „Стратфор“

Војната ѝ го отвори патот на Русија да го зголеми своето влијание низ Евроазија, иако колапсот на глобалните цени на нафтата и востанието Евромајден во Украина подоцна ги покажаа границите на влијанието на Москва. Во годините по грузиската војна, Русија го одржа своето влијание на светската сцена и го заживеа ривалството со Западот, кој, пак, двојно ја зголеми поддршката за Грузија и за другите земји во регионот, оценува „Стратфор“

Со инвазијата на Грузија точно пред една деценија, Русија го направи своето драматично враќање на глобалната сцена. Руските сили тогаш навлегоа во спорната територија Јужна Осетија, што беше нивно прво големо распоредување по колапсот на Советскиот Сојуз, и уништија поголем дел од инфраструктурата и војската на Грузија и тоа за само пет дена. Но ако војната беше краткотрајна, нејзините последици се многу подолготрајни. Војната ѝ го отвори патот на Русија да го зголеми своето влијание низ Евроазија, иако колапсот на глобалните цени на нафтата и востанието Евромајден во Украина подоцна ги покажаа границите на влијанието на Москва. Во годините по грузиската војна, Русија го одржа своето влијание на светската сцена и го заживеа ривалството со Западот, кој, пак, двојно ја зголеми поддршката за Грузија и за другите земји во регионот, оценува американски „Стратфор“.

Дури и десет години по војната, сѐ уште трае жестоката дебата за тоа кој го предизвика конфликтот. Москва го обвини Михаил Сакашвили, тогашниот грузиски претседател, дека им наредил на своите сили да напаѓаат цивили во Јужна Осетија. Грузија, од друга страна, тврдеше дека сепаратистите од отцепениот регион ги гранатирале селата во близината за да испровоцираат одговор од Москва. Во секој случај, пораката беше јасна до владата на Сакашвили и нејзините поддржувачи во Европа и во САД – по речиси две децении со политички и со економски проблеми, Русија се врати на глобалната сцена.

Според „Стратфор“, неколку години по падот на Советскиот Сојуз, хаосот слободно владееше во Русија. Незгодната транзиција кон капитализам изроди моќни олигарси, и тоа врз сметка на државата и ја втурна економијата во криза. Двата крвави сепаратистички конфликта во Чеченија ги оставија Русите деморализирани и исплашени.

Во исто време, веднаш по руските граници, НАТО се прошируваше во Централна и во Источна Европа. Сепак, на почетокот од новиот милениум рускиот претседател Владимир Путин дојде на власт и почна да ја средува земјата. Путин воспостави контрола врз олигарсите, ја консолидира моќта, стави крај на втората чеченска војна и ја врати економијата на добар пат. До 2008 година, Русија веќе беше во голем подем, во голем дел благодарение и на повеќегодишната висока цена на нафтата и природниот гас на глобалниот пазар. И иако тој не можеше го врати назад процесот на проширување на НАТО, Путин беше одлучен да го спречи понатамошното зголемување на семејството на Алијансата. Па, така, само неколку месеци откако НАТО и официјално ги призна аспирациите на Грузија за членство во блокот, Русија изврши инвазија врз земјата и воспостави воено присуство во грузиските сепаратистички територии и почна да ја признава нивната независност.

Иако краток, конфликтот беше доволен да ја врати Русија на глобалната сцена. Оттаму, Москва ја искористи штотуку вратената моќ за да го потврди своето влијание низ бившиот Советски Сојуз. Украинските гласачи го избраа прорускиот кандидат Виктор Јанукович за претседател во 2010 година, истата година кога Москва ја формира царинската унија со Белорусија и со Казахстан, која подоцна ќе стане Евроазиска економска унија. Русија исто така и во Европа го зголеми влијанието, купувајќи имоти, финансирајќи политички партии и предизвикувајќи раздор во Европската Унија.

Од друга страна, Грузија направи големи напори да се интегрира со Западот, потпишувајќи договор за слободна трговија со ЕУ во летото 2014 година, како и со отворањето центар за обука на НАТО. Иако членството на земјата во Алијансата е малку веројатно, Грузија денес има многу поголема поддршка од Западот во споредба со инвазијата во 2008 година. Па, така, грузиските војници и нивните колеги од НАТО, меѓу кои и над илјада американски војници, наскоро ќе спроведат големи маневри.


За мнозинството Руси, виновници за војната се Грузија, САД и НАТО

Многумина од Русите сметаат дека воениот конфликт од 2008 година со Грузија беше инициран од Западот и од грузиското прозападно раководство, додека, пак, руските власти сториле сѐ што можат за да го спречат крвопролевањето. Анкетата на Левата покажува дека 34 отсто од испитаниците изјавиле дека виновни за војната се претседателот и Владата на Грузија, 24 проценти сметаат дека САД и НАТО се иницијатори, додека, пак, 20 отсто навеле дека одговорноста треба да ја сносат сите страни, наведува РТ.


Медведев: Грузиското членство во НАТО може да предизвика страшен конфликт

Рускиот премиер Дмитриј Медведев предупреди дека може да избие страшен конфликт доколку Грузија биде примена во НАТО и додаде дека нема вистинско оправдување за таквиот ризик.

– Тоа може да предизвика страшен конфликт и не е јасно зошто тоа е неопходно – истакна Медведев во интервјуто за радиото Комерсант.
Шефот на руската влада исто така нагласи дека конфликтот помеѓу Русија и Грузија во 2008 година почна откако грузиската војска ги нападна руските мировници во самопрогласената република Јужна Осетија. Според Медведев, војната беше резултат на одлуките што ги донесоа грузиското раководство и тогашниот претседател Михаил Сакашвили.

– Коренот на проблемот сигурно се наоѓа во настаните од 1990-тите и одлуките на Тбилиси во 1990-тите, кои не беа прифатени ниту во Абхазија, ниту во Јужна Осетија. Но пред 2008 година, тие негативни процеси и инциденти со спорадично насилство беа контролирани. А во 2008 година, грузиската влада, вклучувајќи го и претседателот, дадоа зелено светло за агресијата и се случи тоа што се случи. Тоа не беше неизбежно. Тоа дефинитивно беше субјективен избор на Сакашвили и неговите соработници – порача Медведев.