Граѓаните од ЕУ нема автоматски да бидат депортирани по брегзит

170

Велика Британија нема автоматски да ги депортира граѓаните од Европската Унија кои не побарале да останат во земјата по брегзит – рече денеска координаторот за брегзит во Европскиот парламент, Ги Верхофстат.

Тој додаде дека е потврдено дека ќе има грејс период за оние кои нема да аплицираат за решавање на статусот за престој до крајниот рок во јуни 2021 година.

– Што ќе се случи со овие луѓе дури и по грејс периодот? Па, нема да има автоматско депортирање – изјави Верхофстат за радио Би-Би-Си.

Според него, по грејс периодот, тие ќе имаат можност да аплицираат, со образложение зошто не го направиле тоа во нормални процедури.

„Ројтерс“ во ноември објави дека Велика Британија се заканува дека ќе ги депортира државјаните на ЕУ доколку не се пријават навреме и дека властите ќе го одобрат одложувањето само под исклучителни околности.

До крајот на минатата година се пријавиле повеќе од 2,7 милиони од проценетите 3,5 милиони граѓани на ЕУ кои живеат во Велика Британија.

Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари, но ќе остане обврзана со сите правила на блокот до крајот на 2020 година како дел од договорената транзициска фаза што треба да го олесни нејзиното излегување од Унијата.