Граничните судири со Кина ја наведуваат Индија да ги преиспита стратешките врски

270

Премиерот на Индија Нарендра Моди се обидуваше да се зближи со кинескиот претседател Си Џинпинг, ставајќи го настрана граничниот спор со цел да ги продлабочи економските врски помеѓу двете држави, а кинеските компании заземаа силна позиција на растечкиот индиски пазар, пишува „Фајненшл тајмс“

Но по судирите во хималајскиот регион Ладак во кои загинаа барем 20 индиски војници, Њу Делхи е подготвен да се оттргне од економските врски со Кина, како што тврди неименуван претставник на индиската власт. Индија наводно ќе се обиде да ги засили другите стратешки врски, како онаа со САД.

– Во поглед на прашањето за геополитичките избори и економските избори, Индија ќе погледне на друга страна. Се обидовме да им понудиме економски удел во нашата држава надевајќи се дека бизнис врската може да создаде разбирање. Но тоа очигледно не успеа – кажал изворот од индиската власт.

Иако Њу Делхи и Пекинг се обидуваат да спречат понатамошна ескалација на судирите, првите жртви помеѓу соседите со нуклеарно вооружување уште од 1975 година, претставуваа шок за индискиот политички и безбедносен врв.

На судирите кои избија во понеделникот, им претходеше откажувањето на годинашните вежби на индиската војска на границата, поради коронавирусот. Индиските безбедносни аналитичари тврдеа дека Кина ја искористила приликата за да воспостави позиции на теренот врз кој нејзиниот сосед полага право.

Индија претставува помал стратешки ризик за Кина, чија економија е петпати поголема, а поседува и значително поголема воена моќ. Но експертите веруваат дека Си не сака гранична војна, особено во ситуација кога односите помеѓу Кина и Вашингтон се нестабилни.

Аналитичарите во Вашингтон, пак, веруваат дека граничната пресметка ќе го забрза индиското насочување кон САД. Индија досега беше претпазлива при односите со САД, внимавајќи да не ја испровоцира Кина, но резервираноста сега би можела да биде отфрлена.

– Индија треба да одлучи кои се нејзините пријатели. Ориентираноста на индиската надворешна политика отсекогаш значеше одложување на правењето на какви било избори. Моди зборува за светот како едно семејство. Но се испостави дека некои членови на семејството не постапуваат добро со вас – вели Алиса Ајрес, авторка на книга за надворешните политички односи на Индија.

Според последните информации Њу Делхи и Пекинг изразија желба за смирување на тензиите. Министрите за надворешни работи на двете држави во телефонски разговор постигнале заклучок дека „ниту една страна не посакува ескалација на ситуацијата, туку осигурување на мирот“.