Горат Сибир, Алјаска и Гренланд, облакот од чад е поголем од Европа

82

Облак од чад поголем од територијата на Европската Унија се шири низ Сибир, додека шумските пожари со невидени размери во Арктичкиот Круг беснеат веќе трет месец. Пожарот е толку голем што може да се види од вселената.

Обично замрзнатиот терен покриен со снег и мраз, кој е клучен дел од системот за ладење на Земјата, ослободува јаглерод диоксид во атмосферата и ја влошува веќе загрозената клима.

Вкупната емисија на јаглерод диоксид во атмосферата од почетокот на годината е еквивалентна на емисиите произведени од 36 милиони автомобили годишно, соопшти „Гринпис“.

Русија е најпогодена од пожарите. Минатиот месец, претседателот Владимир Путин ја мобилизира војската за да гаси пожари, а четири сибирски региони прогласија вонредна состојба.

Научникот Јозеф Ашбахер рече дека во период од два месеци, од пожар биле уништени 4,3 милиони хектари шума само во Сибир, загрозените животни бегаат од дивината во населените места, а Антон Бенеславски, експерт за противпожарна заштита во „Гринпис“, додаде дека ситуацијата би можела да биде потенцијално опасна за локалното население бидејќи пожарите би можеле да се преселат во населени места.

НАСА предупредува на својата веб-страница дека чадот содржи многу загадувачи и штетни состојки кои можат да бидат штетни за здравјето, особено на децата и старите лица.

Карли Филипс од Унијата на загрижени научници вели дека во пожарите на Алјаска изгореле 7,3 милиони хектари шума од 2000 година, што е двојно повеќе од претходните 20 години.

Исто така, емисијата на јаглерод диоксид од овие пожари може да го забрза затоплувањето на планетата.