Голем бран преврте бротче во Франција

23

Три деца од Франција се удавија на брегот на Нормандија кога семејно бротче се превртело поради поголем бран предизвикан од силниот ветер, јави Би-би-си.

На бродот имало и тројца возрасни, кои ја преживеале трагедијата.

Несреќата се случила во понеделникот, на 800 метри од плажата Агон-Кутаинвил. Спасувачите брзо пристигнале на местото на настанот, но предниот дел на бродот, на кој била кабината во која се наоѓале децата, веќе некое време бил под вода. Децата останале заробени во кабината и не успеале да излезат навреме.

Кога спасувачите ги извадиле, веќе било доцна за 7-годишно момче и неговите две сестри на возраст од 13 и девет години. Тие не можеле да ги оживеат.

Мајката за француски дневен весник изјавила дека сè се случило толку брзо што немале време ниту да плачат.

– Се враќавме на брегот кога забележавме вода во бротчето. Повикав помош, но потоа нè преврте огромен бран – изјавила таа.