Големи се шансите скандалозно видео да ја втурне Австрија во предвремени избори

190

Предвремените избори во Австрија се скоро сигурни по оставката која ја поднесе вицеканцеларот, Хајнц Кристијан Штрахе, поради аферата во врска со видео-запис од 2017 година, на кој се гледа како на наводна внука на руски милијардер тој и нуди државни работи за финансиска помош на неговата партија.

Ова вечерва го соопштија од круговите на неговата Слободарска партија (ФПО).

Според овие извори, ФПО не е подготвена да ја жртвува позицијата на министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, што очигледно бил услов на канцеларот Себастијан Курц за да ја продолжи соработката со ФПО, но под раководство на Норберт Хофер.

Народната партија (ОВП) на канцеларот Курц побарала од каолициониот партнер ФПО да го предаде нејзиниот клучен ресор, Министерството за внатрешни работи.

Пред седиштето на австриската влада, каде Курц се наоѓа од утринава, за предвремени избори протестираат околу 20.000 луѓе, пренесоа австриските медиуми.

Според агенцијата АПА, која се повикува на извори од ФПО, канцеларот Курц во моментов размислува како да ја објави одлуката за предвремени избори.