Големите сили го обновуваат своето нуклеарно оружје

87

Според меѓународниот институт на мирот СИПРИ

Институтот со седиште во Стокхолм, во извештајот објавен на 15 јуни, наведува дека во почетокот на 2020 година деветте сили со нуклеарно оружје, во кои спаѓаат САД и Русија, заедно поседувале околу 13.400 нуклеарни оружја

Меѓународниот институт за истражување на мирот СИПРИ со седиште во Стокхолм, Шведска, соопшти дека државите што поседуваат нуклеарно вооружување и покрај многуте договори за разоружување во кои членуваат, сепак продолжиле да ги модернизираат своите арсенали и покрај намалувањето на бројот на нуклеарни боеви глави. Институтот за мир, во извештајот објавен на 15 јуни, наведува дека во почетокот на 2020 година деветте сили со нуклеарно оружје САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја заедно поседувале околу 13.400 нуклеарни оружја.

– Сите девет нуклеарни држави, изгледа, го задржуваат својот арсенал на неодредено време – вели истражувачот на СИПРИ Шенон Киле. Тој додава дека тоа сугерира дека нуклеарното оружје и понатаму се смета за средство за одвраќање од напад на друга држава, но постојат знаци дека нуклеарните оружја имаат „нова или проширена“ улога, особено во американските и руските воени планови. Тоа, според него, претставува значителен пресврт во трендовите по Студената војна кон постепена маргинализација на нуклеарното оружје и мисли дека тоа е развојот што најмногу загрижува.

Како што наведува реномираниот портал за одбрана „Дифенс нет“, извештајот на СИПРИ е заснован врз достапните информации, а недостигот од транспарентност кај нуклеарните сили бил голем предизвик за составување на извештајот на аналитичката група од Шведска.

Во меѓувреме, САД, Британија и Франција објавувале некои информации, додека Русија ги споделува информациите единствено со САД, според билатералниот договор за контрола на нуклеарното вооружување нов СТАРТ.
– Договорот нов СТАРТ е важна мерка за транспарентноста во оваа ситуација – вели истражувачот Киле, додавајќи дека Русија и САД добиле можност, на пример за спроведување инспекции на самото место.

Инаку, според СИПРИ, бројот на нуклеарното оружје е намален од претходната година кога деветте држави поседуваа вкупно 13.865 нуклеарно оружје. Намалувањето главно се должи на расклопувањето на старото нуклеарно оружје од страна на Русија и на САД, кои заедно сè уште поседуваат над 90 проценти од глобалното нуклеарно оружје. СИПРИ проценува дека САД имаат 5.800, а Русија 6.275 нуклеарни боеви глави. Тоа, според институтот, укажува дека американските нуклеарни боеви глави паднаа за 385, а Русија ги намали за 125 во споредба со претходната година. Интересно е што наведената бројка ги опфаќа боевите глави во активен погон, но и тие во магацините или подготвени за отстранување.

Овие големи намалувања беа компензирани, од друга страна, со мало зголемување на нуклеарните сили на Кина, Велика Британија, Индија и Северна Кореја.
Во моментов се верува дека Северна Кореја има меѓу 30 и 40 нуклеарни боеви глави, но не е вклучена во глобалната процена на аналитичката група.
Од друга страна, како што пишува институтот од Шведска, сепак, нуклеарните сили истовремено и ги модернизираат своите арсенали, односно развиваат нови системи за лансирање проектилите, како и производство на различни погони на гориво за истите тие.

– Кина сѐ уште се нема јавно откажано од ставот дека нема прва да употреби нуклеарно оружје – се наведува во извештајот на СИПРИ.
Дополнително, Индија и Пакистан објавуваат соопштенија за некои тестирања на проектили, но даваат многу малку информации за големината на своите арсенали.
Во меѓувреме Северна Кореја, пак, не дава никакви информации за капацитетот на својот нуклеарен арсенал, но признава дека има нуклеарно оружје и дека спроведува тестирања на проектили, додека Израел не го коментира својот нуклеарен арсенал.

Подготвил: Дејан Србиновски