Гневот и хаосот се главни адути на Макрон во битката со демонстрантите

181

Француската влада смета дека гневот насочен врз демонстрантите поради мизеријата во секојдневниот живот на Французите предизвикана од протестите против пензиските реформи предложени од претседателот Емануел Макрон, ќе го смени јавното мислење во нејзина корист. Тоа засега не се остварува, пишува „Њујорк тајмс“.

На тринаесеттиот ден од штрајкот што го поремети секојдневниот живот во Франција, има премалку возови за премногу патници. Корисниците на јавниот превоз се будат рано, се враќаат дома доцна, пешачат со километри до нивните работни места и секојдневно се заглавени во големи сообраќајни метежи кои ги претворија улиците на Париз во стапица од која нема излез. Дел од луѓето одат на работа со велосипед, но и во лентите за велосипедистите владее хаос. Бројот на несреќи во кои се вклучени велосипедистите и корисниците на тротинети се зголеми за 40 отсто од почетокот на протестите.

– Ова е измачување. Ги разбирам нивните барања, но ова е голем проблем за нас. Мислам дека на повеќето луѓе им е смачено од протестите – вели Џенифер Сејлс, која чекала воз 25 минути за да стигне на работа. 

Токму затоа се поставува прашањето колку и е смачено од протестите на Франција во кои спротиставени се демонстрантите кои сакаат да го зачуваат сегашниот пензиски систем и владата која се обидува да го смени. Фатени во средина помеѓу двете спротивставени страни се луѓето кои патуваат на работа, чија издржлвост е ставена на тест. Токму расположението на работниците би можело да го одлучи исходот на битката.

Поддршка за штрајкот изразиле 62 отсто од Французите во анкета објавена вчера, што покажува дека поддршката се зголемува од почнувањето на протестите. Околу 615 илјади граѓани вчера излегоа на улиците ширум Франција, што е најголема бројка во текот на демонстрациите.

Зголемената мобилизација не е добра вест за владата на претседателот Макрон и за неговите пензиски реформи. Протестите засега имаат поддршка и покрај мизеријата на луѓето што патуваат до работа, заклучува „Њујорк тајмс“.