Главниот град на Казахстан го доби името на поранешниот лидер

1139

Казахстан го преименува својот главен град од Астана во Нурсултан во чест на лидерот во заминување Нурсултан Назарбајев, кој вчера ненадејно се повлече од позицијата, пренесува Би-би-си.

Промената на името на главниот град на државата го соопшти Касим-Јомарт Токајев кој ја презема претседателската функција, со ветување дека ќе се консултира со мислењата на Назарвајев за клучните одлуки.

Назарбајев, кој има 78 години, беше претседател на богатиот со нафта Казахстан скоро 30 години.

Во меѓувреме, неговата најстара ќерка беше избрана за спикер на горниот дом на парламентот во земјата.

Унапредувањето на Дарига Назарбајева на втората најмоќна функција во земјата, според медиумите, алудира на тоа дека таа се подготвува да ја преземе функцијата претседател во следните години.

Нејзиниот татко, кој е исто така и прв човек на партијата на власт, ќе остане на врвот на влијателниот Совет за безбедност и ќе продолжи да ја носи титулта „Лидер на нацијата“.

Токајев ја наследи функцијата претседател по само 24 часа откако Назарбајев ја поднесе својата оставка. Тој ќе го отслужи мандатот на неговиот претходник, кој завршува во април 2020 година.

– Мислењата и ставовите на поранешниот претседател ќе имаат специјална и приоритетна важност во носењето на стратешките одлуки на Казахстан – рече Токајев, кој претходно самиот беше спикер на горниот дом на парламентот.

Тој дополни дека светот сведочи еден историски момент со оставката на Назарбајев, единствениот човек кој го водел Казахстан од распаѓањето на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти години.

Токајев потоа предложи менување на името на главниот град Астана во чест на првиот претседател на земјата, а набргу парламентот донесе закон со кој промената стана официјална.

Астана, што значи „главен град“ на казахстански јазик, стана главен град на Казахстан во 1997 година, а дотогаш тоа беше Алмати.

Ќерката на Нурсултан Назарјабев, Дарига Назарбајева (55), која е поранешен заменик-премер, одамна се смета за потенцијален наследник на претседателската функција.

Таа во минатото беше прв човек на главната ТВ-станица во Казахстан, а формираше и сопствена партија во 2000-те години, пред таа партија да се соедини со партијата на татко ѝ.

Назарбајева досега не коментираше ништо во однос на престојните избори. Аналитичарите и познавачите на политичките состојби во земјата сметаат дека уште е рано да се издвојуваат фаворити за следните избори, но потенцираат дека сегашниот премиер Аскар Мамин исто така е можен кандидат.