Главниот адвокат на Трамп поднесе оставка

137

Главниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп во истрагата за руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, Џон Дауд, поднесе оставка, објави „Њујорк Тајмс“.

Весникот, повикувајќи се на извори од тимот на Дауд, наведува дека тој решил да се повлече откако заклучил дека Трамп „се повеќе ги занемарува неговите совети“.

Дауд раководеше со адвокатскиот тим од минатото лето, кога од таа позиција се повлече долгогодишниот личен адвокат на Трамп, Марк Касовиц.

Американските медиуми изминативе денови во неколку наврати тврдеа дека претстојат промени во претседателскиот адвокатски тим, кој на почетокот на неделава беше засилен со уште еден адвокат, задолжен за тужбата против Федералното истражно биро (ФБИ) и Министерството за правда, во која се тврди дека тие фабрикувале обвиненија против Трамп за негова поврзаност со Русија за време на предизборната кампања во 2016 година.

Еден од застапниците на Трамп најави дека во текот на неделава кон тимот ќе се приклучи и адвокатот од Вашингтон, Џозеф Диџенова, како и дека е можно екипата да биде засилена и со искусниот адвокат Емет Флед.