Ги одржа ли Канада ветувањата по легализацијата на канабисот?

218

Рекреативната употреба на канабис беше легализирана во Канада пред две години, а кого владата на премиерот Џастин Трудо го истакна предлогот за легализација, прашањата за криминализацијата на марихуаната побудија најголем интерес меѓу Канаѓаните, пишува „Њујорк тајмс“.

Владата вети дека легализацијата ќе се справува со нееднаквостите во правниот систем каде што казните и гонењето на прекршоци поврзани со марихуаната и нивните последици во поголема мера ги чувствуваат маргинализираните заедници.

Тоа ветување главно беше одржано. Но дел од другите клучни ветувања, откако Канада стана првата меѓу државите од Г7 што ја легализира марихуаната, останаа неисполнети. 

– Индустријата која ја создаде има потешкотии. Продажбата на марихуана надвор од воспоставената легализација уште цвета. А неправдите од криминализацијата на марихуаната кои се случија во минатото остануваат без решение – наведува „Њујорк тајмс“.

Ветувањето на Трудо за легализација на марихуаната не беше универзално одобрено од Канаѓаните, вклучувајќи и од дел од членовите на неговата партија, кои стравуваа дека легализацијата ќе ја поттикне и употребата, особено меѓу тинејџерите. Но премиерот ја убеди партијата, како и гласачите, со тврдењето врз основа на еднаквоста и праведноста.

Новиот закон во Канада ги елиминира обвиненијата за поседување марихуана, но прашање е колкава промена донесе во системот како целина, бидејќи лидерите на малцинските заедници бараат акција против системскиот расизам во полицијата. А Трудо и самиот го призна постоењето на оваа појава во безбедносните агенции.

Декриминализацијата на поседување марихуана се смета за чекор напред кон поправеден правен систем, но многумина обвинети според старите закони уште се справуваат со птешките последици, наспроти ветувањата. Легализацијата беше спроведена заедно со програма за амнестија, за која владата тврдеше дека ќе ги избрише досиејата за поседување, но уште има пречки за справување.

Криминалните прекршоци поврзани со поседувањето марихуана, до средината на ноември, беа избришани за вкупно 341 Канаѓанец, од вкупно 500 илјади лица кои се соочуваат со нив., според проценките на канадскиот Центар за зависности и психичко здравје. Згора, уште постои сивата зона на продажба на марихуаната, која се случува и во продавници кои функционираат надвор од системот. А тоа е една од критиките со која се соочува новиот систем.

Кога Трудо ги објави плановите за легализација, создавањето на нови работни места или на даночни приходи, не беа наведени во програмата. Но инвеститорите ги увидоа големите можности и легализираните бизниси инвестираа милиони долари во одгледувањето марихуана. Две години подоцна повеќето произведувачи на марихуана уште бележат мултимилионски загуби, тврди „Њујорк тајмс“.

Покрај поправедниот правен систем владата вети дека легализацијата ќе ја спречи продажбата на марихуана на црно. Беше наведено и дека строгите закони ќе осигурат оти Канаѓаните консумираат чиста марихуана, како и дека ќе ја спречат продажбата на малолетници.

Но последната анкета спроведена пред една година покажала дека 28 отсто од Канаѓаните купуваат марихуана исклучиво во легализираните продавници, а 58 отсто користат и нелегални извори.

Може да се заклучи дека легализацијата главно го одржа ветувањето за праведност, но не ја елиминира незаконската продажба, а не им донесе олеснувања ниту на оние кои беа осудени поради поседување на марихуана.