Што содржи договорот помеѓу Германија и Франција

133

Критиките се поделени околу најновиот договор на Париз и Берлин. Од една страна, се смета дека договорот ќе помогне за поголема интеграција на Европа, додека, пак, популистите предупредуваат дека станува збор за потпишување капитулација, и оти само ќе се зголеми нееднаквоста во ЕУ

Франција и Германија потпишаа нов договор, чија цел е зајакнување на нивното лидерство со Европската Унија. Додека Британија се подготвува да ја напушти ЕУ, а подемот на популизмот ги доведува во прашање основните либерални вредности, со договорот од Ахен двете земји се обврзуваат на одбрана на овие вредности. Германската канцеларка Ангела Меркел укажа на значењето на мирот и безбедноста, поддржувајќи го формирањето европска армија. Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека за Европа е предизвик да стане штит против светските проблеми. Критиките се поделени околу најновиот потег на Париз и Берлин. Од една страна, се смета дека договорот ќе помогне за поголема интеграција на Европа, додека, пак, популистите предупредуваат дека станува збор за потпишување капитулација, и оти само ќе се зголеми нееднаквоста во ЕУ, пренесуваат светските медиуми.

Со пактот од Ахен, Франција и Германија се договорија за формирање заеднички позиции и издавање заеднички соопштенија за главните прашање на ЕУ, како и формализирање на нивната постојна соработка. Двете земји се обврзуваат заеднички да работат на зајакнување на капацитетот на Европа да дејствува автономно. Покрај тоа, предвидено е продлабочување на економската интеграција, со формирање француско-германска економска зона. Кога станува збор за безбедноста, двете земји со договорот јасно ја истакнаа намерата за развој на воените капацитети на Европа, инвестирајќи заеднички за да ги пополнат празнините и со тоа да ги зајакнат ЕУ и НАТО.

Во заедничкото обраќање по потпишувањето на договорот во Ахен, Меркел порача дека договорот е постигнат во посебни времиња, исполнети со подем на популизмот и национализмот.

– Првпат, една држава ја напушта ЕУ, тоа е Британија – додаде германската канцеларка.

Меркел исто така истакна дека Германија сака да придонесе за формирањето европска армија.

– Посветени сме на развивање заедничка воена култура, заедничка одбранбена индустрија и заедничка позиција за извозот на оружје – наведе шефицата на германската влада.

Идејата за европска армија, како што наведува Би-би-си, не е нова, и двајцата лидери досега неколкупати повикаа за формирање заеднички европски одбранбени сили, кои ќе работат во рамките на НАТО, и нема да бидат алтернатива на Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го поздрави потпишувањето на договорот во Ахен, истакнувајќи дека Алијансата била информирана за воените прашања.

– Со децении, француско-германската соработка е од клучно значење за безбедноста и стабилноста во Европа. Договорот е потсетник за тоа колку напред отиде Европа по уништувањата од Втората светска војна – додаде Столтенберг.
Од друга страна, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, повика на внимателност од двете страни.

– Германија и Франција може и треба да ѝ служат добро на цела Европа. Но отворено ќе кажам, на Европа денес ѝ треба јасен сигнал од Париз и од Берлин, дека засилената соработка во мали формати не е алтернатива на соработката на цела Европа. Соработка за интеграција, а не замена за интеграција – порача Туск на свечената церемонија во Ахен.

Договорот наиде на остри критики кај дел од француската десница, која го обвинува Макрон за велепредавство и дека со пактот Ахен се согласил за отстапување на пограничните региони Алсак и Лоран на Германија.

– Степенот на врски со Германија е рамен на предавство и сериозно отфрлање на нашиот суверенитет – истакна Марин Ле Пен, лидерката на француската екстремна десница.


Договорот од Ахен како пример за западнобалканските проблеми

Дел од експертската јавност оценува дека земјите од Западен Балкан може да следат примерот на Франција и Германија, кога станува збор за надминување на заедничкото бурно минато и поголемата соработка. Мануел Сарацин, од Европското движење во Берлин, смета дека постигнатиот договор може да биде потпора за процесот за помирување и соработка меѓу народите во регионот.
– Сметам дека процесот за помирување во регионот на Западен Балкан има големи шанси, а негова крајна цел треба да биде сите земји од регионот да се најдат во кругот на заедничкото европско семејство. Вистина е дека Западен Балкан во моментов не котира високо на листата на приоритети на ЕУ, иако би требало да биде. На сите им е јасно дека без германско-француско помирување нема да има мир во светот. Тоа беше сржта на европската интеграција. Мора да се потрудиме Западен Балкан повторно да стане приоритет на политиката на ЕУ, во спротивно ќе ја пропуштиме шансата што ни се нуди во наредните неколку години – истакнува Сарацин во изјавата за „Дојче веле“.
Сепак, според него, постојат и одредени разлики.
– Општествата на Западен Балкан отсекогаш биле, или уште се, многу повеќе поврзани и интегрирани едно со друго, отколку што тоа беше случајот со Германија или Франција. Затоа, за мене е малку смешно кога некој верува дека тамошните општества може да учат од Германците и Французите. Да, би можеле, но на Западен Балкан народите се познаваат многу подобро и подлабоко – заклучува Сарацин.