Германија го презеде кормилото за претседавање во ЕУ

37

Во следните шест месеци со ЕУ ќе претседава Германија, која од вчера го презеде кормилото од Хрватска. По 13-ти пат таа застанува на чело на Унијата, во период на големи предизвици за сите земји-членки. Нејзин приоритет ќе биде борбата против пандемијата на ковид-19, но и економското и социјално закрепнување на Европа, јавува „Ројтерс“.

Главната улога секако ќе ја има навидум постојано присутната Ангела Меркел во својата 15-та година како канцелар, додека нејзината поранешна министерка за одбрана и штитеничка Урсула фон дер Лејен се очекува да биде една од споредните актери како претседател на комисијата. Наредните шест месеци ќе бидат дефинирачки за двете германски дами, со пандемијата на ковид-19, која сè уште се заканува на функционирањето на ЕУ, и поостриот фокус на односите со Кина, како и конечно решение со Велика Британија за брегзит, кое е далеку од дефинитивно.

За време на подготовките за претседателствување со Советот на ЕУ, од Берлин беше најавено дека германскиот фокус ќе биде на Западен Балкан и на проширувањето, но поради пандемијата беа воспоставени „нови приоритети“, а следните шест месеци неформално го добија името „корона-претседавање“.