„Геополитика“: ЕУ е наднационална структура со империјални амбиции

458

Претседателот на европарламентот Антонио Тајани, со својата последна изјава како да ја открива скриената агенда на ЕУ. А таму сѐ почесто во јавноста се присутни изјави со кои се провомираат националните интереси на најмоќните членки, и тоа лансирани од високи европски функционери. Со сета своја жестина и нагорен тренд, полемиките за национализмот и промовирањето на неговата „конструктивност“ се сѐ почеста и, што е уште пожално, поприфатлива тема за европската јавност. Во која насока тргна ЕУ?

Национализми со разурнувачки потенцијал и со никулци што изртуваат од темното минато, повторно му се закануваат на Стариот Континент. Во Европа одново се води жестока дебата за иднината на ЕУ како проект што требаше во своите темели да ги има вградено монументалните демократски вредности, мирот и просперитетот. Сега, за жал, токму спротивното од ова зема залет. Имено, со сета своја жестина и нагорен тренд, полемиките за национализмот и промовирањето на неговата „конструктивност“ се сѐ почеста и, што е уште пожално, поприфатлива тема во европската јавност. Иако досега европските медиуми, политичари и аналитичари кога ги посочуваат деструктивните сили на национализмот, најчесто со прст покажуваат кон Балканот и кон војните што однесоа голем број човечки и материјални жртви, сега веќе не е така. И неодамнешната изјава на висок европски функционер беше протолкувана како ново јакнење на национализмите и прекројување на границите на Балканот и пошироко во Европа.

Имено, претседателот на европарламентот Антонио Тајани неодамна на еден говор во Италија извика „Да живее Трст, да живее италијанска Истра, да живее италијанска Далмација“! На овој националистички повик, кој длабоко навлегува и во иредентизам, брзо и одлучно реагираа двете други членки на ЕУ, Словенија и Хрватска.

За аналитичарот Марио Стефанов од „Геополитика њуз“, спорната изјава на Тајани претставува „доказ за вистинското лице на ЕУ“, која „јавно прокламира борба против национализмот во Европа, а всушност ги провомира интересите на национализмите на најмоќните држави на ЕУ“. Иако претседателот на европарламентот подоцна ретерира и нагласи дека не мислел на нови територијални поделби, аналитичарот Стефанов смета дека тој само ја открил агендата на ЕУ да се изгради како наднационална, федерална структура со империјални амбиции, која ги штити интересите на најбогатите членки на ЕУ. Според него, моќните членки на ЕУ немаат намера да се откажат од своите национализми и од бенефициите на своите економии и финансии.

– Додека сакаат да ги денационализираат послабите и да им го намалат националниот суверенитет, тие многу добро се грижат за своите национални суверенитети и национални интереси, кои, ако треба, ќе ги бранат со оружје и со финансии. Кога европската елита се бори против национализмите, тоа секогаш се национализмите на послабите – нагласува Стефанов.

Да беше ситуацијата обратна, вели тој, односно послаба членка да изјавеше нешто за територијата на посилна членка, тогаш ќе се разнишаше цела ЕУ, а целиот случај на крајот ќе завршеше пред Советот за безбедност на ОН. Но вака, изјавата на Тајани се толкува како изолирана и ненамерна.

Во меѓувреме, вели аналитичарот, ЕУ продолжува да ги „рехабилитира изгубените европски царства од пред светските војни, создавајќи типично империјална структура на ново царство, кое на глобалната сцена би можело да им парира на САД и на Кина“.

Во таква ситуација, прогнозира тој, можни се и нови прекројувања на границите, пред сѐ на послабите земји од Централна, Источна и Јужна Европа. Моќните членки тогаш би ги искористиле судирите за да ја претстават ЕУ како стабилизирачки фактор, кој наводно ги сузбива национализмите, а всушност ги остварува нивните национални интереси.

– Европската хиерархиска структура ги задушува национализмите на помалите под превезот на создавање наднационална федерална европска унија, која ќе конкурира на глобално ниво и ќе ги реализира национализмите на моќните членки. Зборовите на Тајани всушност ја претставуваат ЕУ каква што ја создаде нејзината елита во изминатите децении за остварување на интересите на најмоќните членки – заклучува Стефанов.