Вториот човек на Ватикан во посета на Србија, државниот врв изрази благодарност за непризнавање на Косово

74

Државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин денеска ја започна првата посета на Србија, во чии рамки оствари средби со нејзиниот државен врв.

Според соопштенијата од кабинетите на претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ , на средбите од страна на државниот врв на Србија е изразена благодарност до Ватикан за принципиелниот став за непризнавањето на едностраната прогласена независност на Косово и согласност за продолжување на работата на Мешовитата комисија за хрватскиот надбискуп од Втората светска војна – Алојзе Степинац и за меѓуцрковниот дијалог кој имал позитивни ефекти за Православната и Католичката црква.

Според соопштенијата, кардиналот Паролин ја пренел поддршката на Ватикан за евроинтеграциите на Србија, бриселскиот договор и постигнувањето на компромисно решение за проблемот со Приштина. Тој исто така потенцирал дека заштитата на културното и на верското наследство на Косово е од исклучително значење за Ватикан.

Како што е најавено, утре кардиналот Паролин во Нови Сад ќе одржи миса и ќе го освети новото седиште на Меѓународната бискупска конференција- Св.Кирил и Методиј, која ја сочинуваат бискупи од Србија, Црна Гора и Македонија.