Вселената не е крајната граница туку новиот Див Запад

859

Вселената не е само крајната граница, туку и голем бизнис. Потенцијалните награди од оваа наскоро трилион долари вредна индустрија се огромни – но само за оние што се подготвени на неуспех, пишува Сара Крудас во нејзината колумна објавена во европското издание на магазинот „Политико“.

И покрај актуелноста на новата „вселенска трка“, тоа што се случува сега, помалку наликува на трка, а повеќе на нов „Див Запад“ – слично како и раната ера на Интернет во 90-те години на минатиот век.

Раните години на вселенското истражување беа мотивирани од единствена цел – да се биде првиот што ќе прати човек на Месечината. Приватните компании во вселенската индустрија тогаш работеа како владини добавувачи.

Денес, вселената веќе не е резервирана за владите, туку и за голем број на приватни компании, во голема мера финансирани од приватен капитал и од милијардерите со длабоки џебови. Вселената веќе не е место до кое треба да се стигне, туку место за бизнис.

Има повеќе можности за комерцијалната вселенска индустрија, отколку кога било досега. И има зголемено разбирање дека овие компании и идеи ќе го сменат светот на начини кои не можеме да ги предвидиме – слично како што тоа го сторија дигиталните компании како што се „Фејсбук“ и „Амазон“. Според одредени проценки, оваа индустрија ќе биде вредна еден трилион долари до 2040 година.

Во Европа која имаше големи успеси во вселенските истражувања, апетитот за извлекување корист од новата вселенска трка е голем. Но на Европа не и потребен нејзин „Аполо“ или „Спутник“ момент, како што имаа САД или Русија, туку таа треба да научи да ја прифати можноста за неуспех. Во овој момент, САД се светски лидери во комерцијалната вселенска индустрија. Тоа е делумно бидејќи приватниот вселенски сектор е поддржан од владата. А можеби и најважно, бидејќи постои систем за приватни инвестиции во кој американските инвеститори се подготвени да преземат поголеми ризици во однос на нивните европски ривали.

Но, имањето пари не е доволно. Морате да бидете подготвени на ризик и на прифаќање на неуспехот, што им овозможува на компаниите да извлечат поука преку нивните идеи.

Новата ера во освојувањето на вселената е поттикната од претприемаштвото. Ако Европа сака шанса за голем успех, таа треба да ја зголеми толеранцијата на неуспех, почнувајќи од владините агенции, па до инвеститорите и бизнисите. Доколку не успее да го постигне ова, Европа ризикува да го загуби големиот талент во однос на други амбициозни држави.

Новата ера ќе го смени светот. Од Европа зависи дали ќе биде дел од неа.