Во ред ли е да се користат нацистичките научни откритија, ако спасуваат живот?

146

Од ракетата „Аполо“ до новите лекови против ХИВ, до некои сознанија во науката е дојдено на сомнителен начин. Треба ли да се помириме со употребата на овие откритија, прашува Би-би-си. 

Во потрага по поголем симбол за време на прославата на педесетгодишнината од слетувањето на Месечината, информативната станица ВТОП од Вашингтон ја објави блескавата биографија на ракетниот научник Вернер фон Браун, кој во 1977 година е закопан во близина на Александрија. Тој напис крена голема прашина и наскоро беше повлечен затоа што во него никаде не се спомнуваше дека Фон Браун бил нацист.

Речиси секој научен напредок во некој момент од својата историја се соочувал со неморални или неетички околности.

Физика, биологија, зоологија, медицина, психологија, развој на вакцини, антропологија, генетика, исхрана, инженерство… сето тоа се гранки преполни со откритија до кои се дошло во околности, кои во некои моменти можат да се наречат неетички, дури и нелегални.

Како би требало да се поставиме кон овој факт, особно ако знаеме дека е во служба на цивилизацијата и дека спасува животи?

Присуството на Фон Браун во програмата за „Аполо“ не е исклучок. Повеќе од 120 германски научици работеле на програмата.

Нервните агенси како што се табун и сарин (со чија помош се развил инсектицидот, како и оружјето за масовно уништување), хлорокин – лек против маларија, метадон, метамфентамини, како и медицинските истражувања за хипотермија, хипоксија… до сите нив се дошло со експерименти спроведувани врз луѓе во концентрационите логори.

– Во текот на четириесетите години на минатиот век, научниците од Универзитетот во Таскиги во Алабама, го следеле развојот на сифилисот кај неколку стотина сиромашни Афроамериканци. На некои од нив никогаш не им било одредено лечење и покрај тоа што антибиотикот пеницилин, кој би ја излечил болеста, бил достапен во тоа време. Изучувајќи ги половите болести американските научници постојано експериментирале врз луѓе. Свесни дека тоа може да предизвика бунт, почнале експериментите да ги прават во Гватемала, каде што намерно ги заразувале пациентите – се наведува во анализата на Би-би-си.

Меѓу 1955 и 1976 година, на стотина жени со канцерогени лезии, намерно им било ускратено лекувањето, за да се увиди дали ќе добијат рак на грлото на матката.

Полио-вакцината, како и многу други медицински откритија, своето постоење им го должат на човечките клетки, кои биле земени од Хенриета Лакс, без нејзино знаење и дозвола.

Во текот на педесетите години Роберт Г. Хит ја смислил електродата имплантирана во мозокот, со цел да ја менува сексуалната ориентација кај луѓето. Денес, слична технологија се користи за лечење епилепсија, Паркинсова болест, како и развој на нервни чипови, кои неодамна ги најави Илон Маск.

Не е спорно дека тие екперименти не требало да се случат.

– Основниот порив во нас нè наведува да заклучиме дека сме соучесници на минатото, зашто сепак ги користиме информациите до кои се дошло на неетички начин – вели Дом Вилкинсон, медицински етичар од Универзитетот во Оксворд.

Знаењата до кои се стигнало на неетички начин ќе се користат и понатаму. Продолжувајќи ја традицијата на проучувањето на сифилисот на Гватемала, многу клинички студии и денес се изведуваат во земјите во развој, веројатно од истите причини. Мали се шансите од лош публицитет во случај на лоши резултати.

Извештај од 2008 година, кој го објави Центарот за истражување на мултинационални корпорации, откри детали за многу вакви неетички студии спроведени во Индија, Нигерија, Русија, Аргентина, Непал и други земји.