Во пожар на Алјаска изгореа 51 куќа и три згради

41

Шумски пожар којшто гори северно од Анкорејџ, Алјаска, уништи 51 куќа и три деловни згради, соопштија властите. Уништени се и други 84 објекти меѓу Вилоуа и Талитин, на околу 110 километри северно од најголемиот град во државата.

Стотици луѓе се евакуирани поради пожарот којшто избувна во неделата вечерта покрај автопатот Парк, главната сообраќајница којашто го поврзува Анхорејџ со Националниот парк Денал.

Причината за пожарот сè уште се утврдува, но официјални лица изјавија дека тој е предизвикан од човечки фактор. Пожарот зафатил скоро 16 километри квадратни, а под контрола е само 10 отсто од површината, изјави портпаролот на шумарството на Алјаска, Тим Мори.

Околу 100 пожарникари, 20 моторизирани екипи и три хеликоптери се борат со огнот, а се чека помош од уште стотина пожарникари.