Во земјата на моќниот лидер и снемоштената лира

186

Турција секогаш била земја во која се испреплетувале традицијата полна со обичаи од шаманизмот и исламот, патријархалноста и придобивките од новото време

„Облечете нешто долго со ракави, надвор има многу комарци. Ќе мора да се симнете и да одите сами на проверка на пасошите“, се огласи возачот на автобусот што стоеше пред рампата на граничната полиција. Околу педесет туристи од Македонија што беа тргнати на летување во Турција, молкум, еден по еден се редеа пред пасошката контрола и чекаа да поминат пред строгиот поглед на младиот полицаец. Денот само што беше заминал, а патниците сонливи и уморни од долгиот пат низ Грција, неволно се обидуваа да се одбранат од агресивните инсекти, кои навлегуваа под кошулите. Граничните процедури траеја дваесетина минути и автобусот го продолжи своето патување до конечната дестинација – Кушадаси.

Возачот полека се провираше низ преминот од пречки што беа поставени и низ тесниот мост преку реката, која беше границата меѓу Грција и Турција. На средината на мостот стоеше турски војник со оружје. Тоа беше првпат да видиме вооружено лице, по поминувањето на граничните премини од македонска и грчка страна. Всушност, не видовме ниту еден полицаец или граничар. Новата средба со Турција ми ги освежи сеќавањата од летувањето во Бодрум, пред триесетина години. Тоа беа времиња кога турските летувалишта беа единствена поволна опција, поради недостапноста на Јадранско Море и војната во поранешна Југославија и долгите редови пред грчката амбасада за добивање виза.

Поминувајќи покрај летувалиштето кај Ајвалик, се присетувам на сликата кога на една попатна станица на регионален двонасочен пат, се качивме во автобусот што одеше за Кушадаси. Кондуктерот прво што направи дојде до нас, држејќи шишенце во рака. Ни посипа неколку капки на дланките од „колонската вода“, која требаше да нѐ освежи од спарното време. Тоа беше мирисот што секогаш ме потсетува на првата средба со Турција. Од тоа летување останаа спомените за земјата што претставуваше добар микс меѓу ориенталниот дух и западните вредности и за времето во кое турскиот народ живееше во слободниот ритам на познатиот хит на пејачот Таркан и неговиот добро познат рефрен „Шкдим, шкдим“.

Семафори на автопат

Љубопитноста и возбудата да се соочиме со нови доживувања во Турција беа еднакви и на ова патување. Особено што тоа се одвиваше во „невообичаени“ околности. Вонредната состојба што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја воведе по неуспешниот воен удар, само што беше прекината. Што е тоа што ќе го видиме со раѓањето на новиот ден во Турција?! Првиот впечаток беше дека во изминатите години многу работи се променети во оваа земја. Приморските градови и населени места на брегот кон Егејско Море, наместо со некогашната сообраќајница, сега поврзани со модерен автопат.

Забележливо беше што наместо вообичаените петелки (најверојатно заради заштеда на финансиски средства), беа поставени семафори. На околните ниви, по должината на целиот пат кон Измир, а потоа и кон Кушадаси, се гледаа непрегледни насади со земјоделски култури и плантажи на праски и маслинки. Немаше необработена земја. Патем се распослани многу индустриски капацитети, погони и угостителски објекти и ресторани. Во населените места и градовите имаше многу нови згради и објекти изградени во современ стил и фасади во стакло, мермер или друг луксузен материјал. Забрзаната урбанизација беше видлива во секое место, која не е соодветно следена и со изградба на сообраќајна инфраструктура. Така, можеше да се видат недовршени патишта и цели нови населби со неасфалтирани улици пред објектите за домување.

Во Кушадаси пристигнавме рано наутро. Хотелот во кој бевме сместени беше поставен на височинка од која се простира прекрасна панорама на градот и на островот со камената тврдина. Од спротивната страна на целото возвишение беа начичкани куќи, хотели и згради со фасади во најразлични бои. Дејствуваше на модерен приморски град, со широки сообраќајници и чисти јавни површини. Вистинскиот амбиент за овој приморски град може да се почувствува со првите вечерни часови. Тогаш централниот дел на градот е преполн со туристи и луѓе дојдени од сите делови од Европа и Централна Азија.

Над шеталиштето на морскиот брег се чувствуваше авата на морето, измешана со мирисите на свежо уловена риба од околните ресторани и испарувањето од пицериите и скарите на кои се печеа пилиња или месо за домашниот специјалитет донер. На моменти преовладуваше мирисот на топло варената пченка, која се приготвуваше во „кујните на колички“, што беше омилен вечерен десерт за Турците. Еден варен или печен клас од мисир се продаваше за пет турски лири (50-60 денари). Целиот град личеше на голем панаѓур.

Традиција, идоли и легенди

Тоа што му дава посебен шмек на Кушадаси се љубезноста и гостопримливоста на продавачите и угостителските работници, кои на секој начин се обидуваа да ги привлечат гостите во своите објекти, но и да им ја дадат секоја информација што им е потребна на туристите. Кога ќе го слушнеа македонскиот јазик, се обидуваа да ја детектираат земјата од која доаѓаме. На едни им личевме на Руси, а на други им „изгледавме“ на Срби, Бугари и Белоруси. Откако ќе дознаеја дека сме од Македонија, на нивните лица се развлекуваше насмевка и веднаш почнуваа со пријателски разговор. Комуникацијата беше пријатна и со десетина кратки збора, искажани малку на турски, малку на англиски.

Повеќето од нив ни кажуваа дека нивните дедовци се доселиле од Грција со размена на населението во триесеттите години од минатиот век. Со доселениците од нашите простори неизбежен беше разговорот за Кемал Ататурк, првиот претседател на Република Турција, кој потекнува од Битола. Слики на Ататурк со турското знаме беа оставени на многу балкони и куќи низ целата држава. Неговиот лик е присутен насекаде и претставува култ за многумина Турци што се залагаат за современа демократска држава. Турција секогаш била земја во која се испреплетувале традицијата полна со обичаи од шаманизмот и исламот, патријархалноста и придобивките од новото време. Тоа можеше да се види и на околните плажи во Кушадаси, на кои имаше и жени облечени во костими за капење, кои ги задоволуваат критериумите на исламската религија.

Посебен впечаток кај нас предизвикуваше начинот на кој се одржуваат пошироките фамилијарни врски меѓу повеќе генерации, во кои централната позиција ја има најстариот машки член во заедницата. На плажите не беа ретки сликите како семејствата на повеќе браќа или сестри, со своите деца, седнуваа на распослани ќебиња на земјата во круг и земаа од храната што беше приготвена дома. „Трпезата“ главно им се состоеше од леб, сармички, салата, ориз или варена пченка, помешана со диња, грозје или лубеница, кои се консумираа во текот на целиот ручек. Имаше и такви што ручаа само леб и лубеница.

Секој ден одмор во Кушадаси претставуваше ново доживување. Некогаш тоа беа уличните кавги на возачите за тоа кој имал првенство во сообраќајот, иако малкумина од нив ги почитуваат сообраќајните прописи. Тие веднаш ги запираат возилата и излегуваат на улица да се убедуваат кој е во право. Се расправаат наглас, а вревата е дополнета и од жените, кои се обидуваат да ги смират своите партнери. Речиси е реткост некој да ви застане на пешачки премин, а тоа го правеа само странските возачи. Некогаш тоа е средбата со други лица, како онаа со младата Бела, која е од Албанија и која студира на факултет во Измир.

Со неа се сретнавме во едно од комбињата со кои се одвива јавниот превоз во градот и која без какви било предрасуди изрази желба да се дружи со нас, откако дозна дека сме од Македонија. Тоа што го прави особено привлечен одморот во Турција е можноста да се посетат многу места од најразлични периоди, кои се поврзани со многу настани и личности од најраната историја до сегашноста. Секој од локалитетите, како што е препознатливото Памук Кале, до археолошкиот локалитет Ефес и куќата на Богородица, храмот на Артемида, туристичките организации во Турција успешно го преточил во приказни со цел, кои привлекуваат голем број гости. На влезовите од овие локалитети беше забележливо присуство на полицијата, која се грижеше за безбедноста на посетителите.


Индирим на секој излог

Првиот совет што ни го даде локалниот водич на македонската туристичка агенција е да не менуваме повеќе евра наеднаш, поради високата инфлација што ја зафати турската економија. Првиот ден од престојот во Кушадаси едно евро се менуваше за 5,94 турски лири. Секој нареден ден турската валута губеше од својата вредност по 0,40 лири. Најнеповолниот девизен курс лирата го имаше кога се разменуваше за 7,80 лири за едно евро. Највисоките падови на вредноста беа за викендите, кога не работеа банките, кои нудеа повисок курс, но во нив требаше да се размени минимум 50 евра. Поради високата инфлација, трговците и угостителите беа принудени да ги коригираат цените на своите производи и услуги.

Така, во хотелот во кој бевме сместени цедениот сок од портокали од пет се продаваше за седум лири. За две лири беа поскапени и сите јадења, така што порција пилешки стек со гарнир од компири чинеше 22 лири. Еден донер (гиро) во градот се продаваше околу 14 лири. Трговците применуваа разни начини за да ги задржат цените на производите на исплатливо ниво. Некои одобруваа различен попуст (индирим), а финалната цена зависеше од процената на продавачот за куповната моќ на туристот. За Русите и за граѓаните од ЕУ важеа повисоки цени.

За да остварат поголем приход на плажите не беше дозволено внесување храна и пијалак однадвор. За влез за едно лице со лежалка и чадор за сонце се плаќаше 30 турски лири. Од пред две години, со воведување на вонредната состојба, во Турција се чувствува економската криза, која беше поттикната и со санкциите од САД. Просечната плата на работниците во услужниот сектор и образованието во Турција изнесува околу 300 евра, за разлика од пред десетина години, кога тие добивале плата од 1.500 евра.